Петков: Историската комисија има друго ниво на ентузијазам и нов режим на работа

од Берта Китинска
205 прегледи

Бугарскиот премиер Кирил Петков изрази задоволство од првата меѓувладина седница што денеска се одржа во Софија. Како што кажа тој, на заедничката прес конференција со премиерот Димитар Ковачевски, денешната средба резултирала со потпишување на неколку договори и меморандуми.
Петков информираше дека следна средба на работните групи ќе има после една недела, додавајќи дека Комисијата за историја се очекува да има три средби во следните 4 месеци.

„Во историската комисија забележавме друго ниво на ентузијазам и нов режим на работа, ќе имаме три средби во следните четири месеци. Тоа ќе даде друг ритам на работата што треба да се заврши“, кажа Петков.

Неколку билатерални договори за соработка во различни области потпишаа денеска ресорните министри во рамки на заедничката седница на владите на Северна Македонија и Бугарија, која се одржува во Софија.

Министрите за транспорт и врски Благој Бочварски и Николај Сабев потпишаа два документа со кои се зајакнува инфраструктурното поврзување меѓу двете земји – за железничкиот Коридор 8 и за директната авио-линија Софија – Скопје.

Поконкретно потпишани се Меморандум за развој на железничкото поврзување Скопје-Софија, преку формирање на заедничка работна група, со цел забрзување на изградбата на железничкиот Коридор 8 и Иницијатива за воспоставување на авиолинија – Софија – Скопје.

Коридорот 8 ќе биде една од главните теми на кои престојниот период ќе работи конкретната работна група, во чиј делокруг е инфраструктурата, а како што најави денеска премиерот Димитар Ковачевски на отворањето на меѓувладината седница, ќе се работи на сите делови на овој коридор и на патниот и на железничкиот, но и во делот на телекомуникациите.

Бочварски претходно ијзави дека Коридорот 8 од наша страна, односно експресниот пат Ранковце- Крива Паланка, третата лента кон Деве Баир и целосната рехабилитација на постоечкиот пат треба да бидат завршени кон средината на 2023 година со што ќе имаме комплетно нов Коридор 8, од Скопје до границата со Бугарија. Тоа ќе биде инвестиција од 100 милиони евра. Министерот најави и дека новиот начин на соработка ќе ја забрза и динамиката на железницата кон Бугарија.

Слични содржини