Бугарскиот премиер Кирил Петков се огласи на својот Фејсбк по рекациите поврзани за фотографијата на која македонскиот премиер Димитар Ковачевски беше исечен.
„Замислете како граѓаните на Република Бугарија и Република Северна Македонија уживаат меѓусебно почитување, почитување на нивните права и просперитет. Двете земји треба активно да придонесат за развој на заеднички компании, да имаме растечки економии, да имаме заеднички детски кампови, концерти, едукативни програми, да нема дискриминација и говор на омраза, да се градат автопати, да имаме модерни железнички линии. За многумина овие зборови звучат како сон, други провоцираат за да не се случи, трети не сакаат стабилност на Балканот. Јас и Димитар веруваме дека тоа е возможно, и нема да подлегнеме на провокации, туку ќе работиме заедно да го постигнеме тоа. На сите злонамерни страни можам само да им кажам: нема да нè спречите!“, напиша Петков на социјалните мрежи.
Премиерот Ковачевски кажа дека верува дека е напарвен ненамерен пропуст на неговото отстранување од заедничката фотографија со бугарскиот шеф на владата Кирил Петков и државниот секретар на САД, Ентони Блинкен.
„Веќе имаше вчера изјава од прес-службата на бугарската влада дека се работи за ненамерен пропуст. Јас и премиерот Петков со нашите делегации имавме навистина одлична комуникација во рамки на Минхенската безбедносна конференција и сакам да верувам дека одговорот кој што е даден од бугарската страна е тој кој што е вистинскиот“, рече премиерот.