Премиерот на Бугарија, Кирил Петков во разговор за „БТВ“ на прашањето за спорот со С.Македонија изјави дека првото нешто што треба да се направи е да се смени реториката.
– Треба да почнеме да зборуваме за сите придобивки од добрососедството, колку повеќе бизнис можат да прават нашите компании, како брзо да се изгради железничката линија Софија-Скопје, зошто нема заеднички културен календар, изјави Петков и изрази верување дека ќе се избере нов премиер на земјава.
– Планирам да одам во Македонија кога ќе го изберат и ќе ја договориме работата на овие групи. Сакам 5 групи – економија, инфраструктура, култура, евроинтеграции и историја. Сакам еднаш месечно да се состануваат, да не се состануваат во исто време, да има резултати од работата, нагласи Петков.
Секако дека има црвени линии, додава тој.
– Најважно е Македонците со бугарски корени да бидат заштитени од дискриминација и од говор на омраза. Ова мора да биде основна цел за секој европски граѓанин. Не можеме да ги прикриваме фактите. Полесно е, кога ќе видиме колку можеме да добиеме и од двете страни, да размислуваме за можности за работи кои се прифатливи за двете страни. Нема да отстапиме од сериозните позиции, заедно ќе можеме многу да добиеме, додаде Петков.