Петковски: Паритетот на куповната моќ нема да се зголеми со едноставно зголемување на платите, туку со зголемување на продуктивноста на земјата

од Vladimir Zorba
484 прегледи

Македонија заостанува зад земјите од Европската унија во однос на паритетот на куповна моќ, но има и мали трошоци за живот. Ова е еден од низата  резултати на обемниот научно- истражувачки проект спроведен од професори на Економскиот институт во однос на квалитетот на животот на нашето население за време на пандемијата.

Како најсодветен начин за зголемување на овој паритет, а со тоа и на квалитетот на живот, главниот истражувач и еден од авторите,  Проф.д-р Владимир Петковски ја посочува потребата од зголемување на продуктивоста на земјата и тоа преку долгорочно стратешко планирање.

„Паритетот на куповна моќ  нема да се зголеми доколку едноставно ги покачите платите и на прв поглед луѓето би имале повеќе средства за купување. Напротив, тоа би довело до инфлација и до намалување наместо зголемување на ПКМ. Потребно е системско вложување во подобрување на ефикасноста и продуктивноста на трудот, вели Петковски  во интервју за  „Локално“.

Македонците се во незавидна ситуација и поради тоа што  потешко можат да си дозволат  плаќања за хипотека или закупнина, комунални сметки, годишен одмор, оброк кој вклучува месо, риба секој втор ден и тн. Бројките покажуваат дека во 2019 година дури 57,3% од населението не можело да сноси непредвидени трошоци. Поголем процент на население кое не е во можност да истрпи финансиски шокови од нашата држава во истата  година имала само Црна Гора со 58,1%.

Истражувачкиот проект покажува дека ситуацијата дополнително ја усложнува кризата предизвикана од последиците на пандемијата.

„Кризата дефинитивно ќе го продлабочи јазот на население кое живее на маргините. Мислам дека кризата ги опфати и оние кои имаат пристоен доход и си обезбедуваат квалитетен начин на живот, додека пак за оние кои и претходно не можеа да си го дозволат тоа, проблемите ќе станат се поголеми“, заклучува Петковски.

Согласно резултатите од спроведената анкета може да се констатира дека економската сигурност и физичката безбедност претставувале системски проблем на населението во Република Северна Македонија и пред пандемијата. Дали ова значи дека  последиците од кризата врз животот на просечниот македонец не се толку воочливи ?

-Последиците од кризата се воочливи и тоа за жал многу. Сепак субјективната перцепција на секој поединец е онаа која детерминира колку сме сите свесни за системските проблеми во државата, како и економската безбедност на секој поединец. Кризата дефинитивно ќе го продлабочи јазот на население кое живее на маргините. Мислам дека кризата ги опфати и оние кои имаат пристоен доход и си обезбедуваат квалитетен начин на живот, додека пак за оние кои и претходно не можеа да си го дозволат тоа, проблемите ќе станат се поголеми. Кога станува збор за ваков проблем, решението треба да се бара од сите нас, не само од институциите одговорни за тоа. Треба да се бара во секојневната форма на алтруизам која треба да ја покажеме кон оние на кои им е најпотребна. Секој од нас треба да помогне колку може и на било кој начин, бидејќи само така можеме да го ублажиме притисокот од социјалната криза и да ги спречиме нејзините форми на продлабочување.

Треба да се обзрнеме околку себе и да видиме дека ние не сме само минувачи, туку и активни учесници и градители на квалитетот на живот за нас, и за сите околу нас. Во сенката на вакви големи социјални и здравствени кризи секогаш испливувале вредности кои ја зацврстувале општествената форма и придонесувале за социјална кохезија. Животот и квалитетот на живот на поединецот е нераскиливо поврзан со општеството во кое живее, доколку тоа не се развива, нема да може ниту поединицот. Ова упатува на фактот дека за изнаоѓање на решение на системските проблеми треба да поченеме од поединецот или од групата на луѓе на кои сме им најпотребни. Односно, од оние кои се најранлива категорија на граѓани во моментот. Бидејќи само ако им го направиме нивниот квалитет на живот подобар ќе се зголеми нашиот.

Истражувањата потврдуваат некои од нашите стравувања, меѓу кои оној дека Македонија заостанува зад квалитетот на живот во другите европски земји.Кои се индикаторите во кои се највоочливи разликите а каде се најблиски? Колку луѓето се задоволни од квалитетот на својот на живот?

-Квалитетот на живот е повеќе димензионална структура. Поточно, тој зависи од низа фактори: материјалните услови за живот,  продуктивноста или главната активност, здравје, образование,  слободно време, економска и физичка безбедност, владеење и основни права, природна и животна средина, како и севкупното искуство за животот. Кога ги ги сумирале сите овие фактори, би добиле дека квалитетот на живот подлежи на два основни фактори, социоекономските услови за живот (на пример, материјални ресурси, здравје, работен статус, услови за живот и многу други) и субјективната перцепција за нив. Вториот, значително зависи од приоритетите и потребите на граѓаните, односно од личната перцепција за животот на секој од нас. Во одредени форми квалитетот на живот на граѓаните на Република Северна Македонија заостанува зад оној на граѓаните од земјите на ЕУ, сепак може да напоменеме дека поединци или групи уживаат далеку подобар квалитет на живот од граѓаните од земјите на ЕУ и се задоволни од истиот. Но, треба да се гледа целокупното искуство на животот на луѓето и развојот на самото општество како целина.

Квалитетот на живот зависи од начиниот на кој сите ние живееме не само поединци и/или групи, а за достоинствен и квалитетен живот за сите треба да се потрудиме многу. Не станува збор само за материјалните или основните услови за живот. Туку станува збор за многу пошироко гледиште кое ги опфаќа и другите аспекти на животот, како културата, социјалниот апсект, условите за живот, спортот, грижата за постарите и најмалите членови на општеството и секако образованието. Начинот на кој ги воспитуваме и учиме нашите најмлади генерации е воедно и начинот на живот што ќе го добиеме за неколку години. Мораме сите подеднакво, тука мислам на владините инситуции, граѓански здруженија, приватни сопственици како и секој од нас, да се потруди за да создаде поквалитетен живот за сите. Доколку сме неми посматрачи и очекуваме дека квалитетот на живот сам ќе пристигне без ние да бидеме активни учесници, всушност ќе го чекаме Годо.

Како може да се создаде поквалитетен живот за секој поединец? Колку е тоа во негова моќ односно колку тоа зависи од него самиот?

-Квалитетот на живот зависи од секој од нас во мера во која зависи и од самото општествено и социјално окружување. Односно, не можеме да очекуваме квалитетен живот во кој ниту еден поединец не се залага за подобрување на својот личен, и квалитетот на живот на другите, исто како што не може да очекуваме достоен квалитет на живот доколку јавните институции не придонесуваат кон истиот. Воедно јавните институции сме ние, како поединци и како дел од структури. Поради тоа мислам дека моќта е само во наши раце, исто како и одговорноста на секој од нас да си овозможи квалитетен живот за себе и за луѓето околку себе.

Македонија има најмал паритет на куповна моќ споредено со европските земји, иако како што е наведено во истражувањето, тој  е во постојан пораст последниве пет години. Кои категории се содржани во терминот “куповна моќ’’, кои  македонците не можат да ги  купат?

-Паритетот на куповна моќ е малку подлабок термин од само согледување на можноста да се купат одредени производи. Овој индекс покажува и ја мери и продуктивноста на една економија како и висината на трошоците за живот. Соодветно на тоа, точно е тоа дека Република Северна Македонија и релативно мал ПКМ во однос на земјите во ЕУ, но тоа укажува и дека има мали трошоци за живот. Најдобриот начин за зголемување на ПКМ е зголемување на продуктивноста на земјата а тоа се постигнува со долгорочно стратешко планирање. ПКМ нема да се зголеми доколку едноставно ги покачите платите, и на прв поглед луѓето би имале повеќе средства за купување. Напротив, тоа би довело до инфлација и до намалување наместо зголемување на ПКМ. Потребно е системско вложување во подобрување на ефикасноста и продуктивноста на трудот за зголемување на ПКМ, а со тоа и подобрување на квалитетот на живот.

Скоро 1/3 од населението во нашата држава  живее во услов на тешко материјално лишување. Тоа подразбира неможност да си дозволат плаќања на хипотека или кирија, комунални сметки,одмор или месо за ручек..Ако тргнеме од тоа дека стапката на “тешко материјално лишување” се дефинира како населението кое не е во состојба да си дозволи најмалку четири од овие ставки, каде е позиционирана Македонија во однос на другите држави?

-Постојат многу ризици кои може неочекувано и негативно да влијаат на материјалната сигурност на поединецот или домаќинството. Република Северна Македонија се наоѓа над европскиот максимум кога станува збор за процентот од население кое не може да сноси непредвидени трошоци. Поточно, во 2019 година, согласно податоците на Еуростат, 57,3% од населението спаѓа во оваа група. Поголем процент на население кое не е во можност да истрпи финансиски шокови од Северна Македнонија во 2019 година има само Црна Гора со 58,1%. Овој индикатор во 2011 изнесувал 64,3%, и од тогаш со намалување е сведен на денешната стапка. Сепак, и покрај надолниот тренд, овој процент останува многу висок и е загрижувачки податок за економската безбедност на населнието. Кога би го споредиле ова со податокот дека 1/3 од населенито во Република Северна Македонија живее под прагот на сиромаштија или во ограничени материјални услови, може да се заклучи дека овој процент може уште повеќе да се зголеми во иднина како последица на зголемување на процентот од население кое е економски ранливо.

Очекуваниот животен век во Македонија изнесува 76,6 години и за речиси пет години е помал од просечниот очекуван животен век на луѓето во ЕУ. Иако во последните 10 години тој се зголеми сепак условите за живот и квалитетот на здравствениот систем го прават животниот век покус во однос на земјите членки на ЕУ. Кои се според истражувањата, главните причини за оваа состојба?

-Tерминот очекуван животен век при раѓање се однесува на просечниот број на години што новороденото дете може да очекува да ги живее доколку во текот на целиот свој живот е подложено на сегашните услови. Оваа демографска мерка често се користи како показател за состојбата на здравјето на една нација, делумно затоа што се заснова на концепт кој е едноставен и лесен за разбирање. Самиот термин очекуван животен век опфаќа повеќе области од човековиот живот, одтука воедно можат да се изнесат и факторите кои влијаат на истиот. Согласно на тоа, состојбата со животниот век на луѓето во Република Северна Македонија треба да биде разгледувана од повеќе аспекти. Најпрво начинот на живот и условите во кои живееме дефинитивно го детерминираат просечниот животен век на луѓето во државата.

Загадената животна средина има сериозно влијание врз должината на очекуваниот животен век, но сепак не треба да се занемарат и личните навики на луѓето за здрав живот. Редовни годишни прегледи, рана детекција и негување на здрави навики се исто така нешто што недостасува како навика кај поголемиот дел од луѓето во државата. Социјалните и општествени услови исто така имаат големо влијание врз состојбата за очекуваниот животен век. Неможноста да си овозможат пристоен и нормален живот кај 1/3 од населението е главен фактор за детерминирање на очекуваниот животен век. Поточно, не можеме да претпоставиме дека оние луѓе кои живеат на маргините би имале можност да се грижат за своето здравје како останатите. Здравствениот систем не е главен причинител на состојбата со животниот век но сепак не треба да се потцени неговата улога. Главната причина би ја барал во начинот на живот на луѓето и загадената животна средина како највлијателни фактори врз просечниот животен век во Република Северна Македонија.

К.В.С.

Слични содржини