Поранешниот активен политичар и екс-кандидат за шеф на државата, Тито Петковски оценува дека актуелниот судир меѓу владата и работодавачите од една страна и работниците од друга страна е логична последица од доследноста во спроведувањето на владините политики. Според него, владејачката партија, како десно ориентирана со националистичко-популистичка идеологија, отворено застана зад интересите на работодавачите и богатите.
-Целокупниот товар на реформите во економскиот сектор го префрли врз грбот на работниците односно најсиромашниот општествен слој. Таа симбиоза меѓу богатите и ВМРО-ДПМНЕ датира уште од времето на Никола Груевски кога партијата стана најбогата политичка партија во Европа, побогата дури и од германската ЦДУ. Богатството на владејачката партија во износ од над 60 милиони евра е стекнато на противправен начин поради што е покрената кривична постапка пред надлежниот суд. Плашејќи се од можноста да го изгуби имотот започна невидена кампања против Државниот јавен обвинител и обвинителката што го застапува обвинението.
Таквиот понижувачки и навредлив однос кон работниците продолжи и во овој мандат на владата, на чело со владејачката партија. Целосно застана зад интересите на рсботодавачите, претставени од Стопанската комора, дистанцирајќи се од проблемите на работниците, претставени од синдикатите. Лицемерно, ги упати на договор со работодавачите,заборавајќи при тоа дека таа е дел од трипартитниот социјален договор и единствен фактор кој ги утврдува условите во кои ќе делуваат носителите на економските активности. Владата треба да биде балансер на спритвставените интереси меѓу работодавачите,како сопственици на капиталот и раборниците како сопственици на трудот. Целта на капиталот е да оствари што поголем профит, а на работниците да остварат што поголема награда за својот труд,за да ги задоволат своите елементарни потреби. Во тој конфликт на интереси, Владата се дистанцира од својата улога, порачува Петковски.
За да профункционира целиот систем, додава поранешниот пратеник, Владата мора да разбере дека само преку социјалниот договор, втемелен на взаемна доверба и изградено чувство на правда, може да се врати довербата во институциите на системот.
„Трудот мора да биде сватен како партнер во работниот однос,а не само како голо сретство за репродукција на капиталот. Актуелниот конфликт го разјадува врзивното ткиво на мскедонското општество. Соочени сме со капитализам втемелен само на парите, на капиталот, а не и на трудот на работникот…“, стои, меѓу другото, во објавата на Петковски.
Минималната плата законски се усогласува за 1.667 денари и ќе изнесува нешто над 26.000 денари. Работниците повисоките мартовски примања ќе ги добијат во април. ССМ остана на ставот за минималец од 600 евра, незадоволни од тоа што предлогот не помина, синдикалците ја напуштија седницата на ЕЕС и најавија нови протести.
Работодавачите останаа на нивните позиции.
Премиерот Мицкоски рече дека Владата регулирала 95% од односите со синдикатите преку колективни договори со рок на реализација до 2028 година, нагласувајќи дека не презема обврски што би важеле по истекот на мандатот.
Според официјалните податоци, просечната исплатена нето-плата пораснала за 9,6%, а индексот на трошоците за живот бележи пораст од 4,1%.