Есејот на петнаесетгодишната Бисера Ќурчинска, полуматурантка од кумановското општинско основно училиште „Кочо Рацин“, ќе ја презентира државата на свечена манифестација во Советот на Европа во Стразбур, по повод 70 години од постоењето на меѓународната организација на 1 октомври годинава.
Министерството го доставило конкурсот во ноември минатата година. Во април бил предаден есејот, а резултатите излегле по завршувањето на учебната година.
– Нашата држава е како тинејџерка, млада, амбициозна и се стреми кон Европа, каде што и географски припаѓа. Останатите држави ги претставив како поискусни, позрели, од кои ние можеме да научиме. Но и енергијата што ја имаат младите, тинејџерите не треба да се потценува, вака младата Бисера се водела при пишувањето на есејот.
-Македонија е тинејџерка, збунета и вознемирена, а со богата култура, традиција, историја, храна, убавина и големо „генерациско стебло чии длабоки корења се разгрануваат на сите страни. Нема ништо лошо во тоа, но вечниот проблем на тинејџеритe е што никој не ги сфаќа сериозно. И ние имаме одлични идеи и размислувања, но ретко кога се земаат предвид, стои во еден од пасусите на есејот на Бисера.
Добро познати ѝ се термините поврзани со Европа, дел од материјалот по географија, дел од граѓанско образование.
– Ги познавам поимите поврзани за Европа, а сакам државата да стане дел од неа, да ги прифати вредностите, еднаквоста за сите граѓани што ја нудат европските држави, вели Бисера.
Таа не очекувала да ја добие наградата, иако посакувала. Со нејзината професорка речиси цело второ полугодие работеле на есејот. Конкурсот бил наменет исклучиво за деветтоодделенците. Бисера со претходните нејзини успеси на државно ниво по македонски јазик (втора награда на државен натпревар) се чинела како најдобар избор на нејзината менторка.
Процесот да се напише ваков есеј не бил лесен, појаснува нејзината менторка и професорка по македонски јазик Весна Тодоровска.
– Од гледна точка на литература дадовме насоки, цитати од познати светски писатели, кои ја поттикнаа да размислува во одреден правец, извадивме зборови на кои можат да се надоврзат мисли и на крајот успеавме. Најпрвин Бисера, а заеднички со голем вложен труд, затоа што 1.000 зборови една целина не е едноставно да се опфати, има што да се каже, многу, но сето тоа треба да се стави во одредена рамка, раскажува професорката Тодоровска.
Бисера е сестран ученик, одличен со добри резултати речиси по сите предмети, за што сведочат наградите освоени на државно ниво, но особена пасија има кон уметноста, кон пишувањето, цртањето.
Таа ќе продолжи со пишувањето и да се занимава со уметноста, но образованието ќе го продолжи на математичката насока во кумановската гимназија, бидејќи за неа тоа значи поголема можност за напредок.
Во националниот есеј што ќе ја презентира државата на крајот младата кумановка пишува – Европа е дом на сите нас. Дом на секој човек со хумани вредности, развиена свест, еднаквост во различноста. Можностa е пред нас, само треба да се поткренеме на прсти и да ја дофатиме од таа висока полица што се чини недостижна. А, всушност, потребен е само отворен ум, без однапред поставени бериери, ум што ќе те поткрене и сè е возможно. Упорноста и работата ќе помогнат да си го направиме нашиот клуч, нашето царство од коцки и да ги пронајдеме нашите вредности. Зошто да не се обидеме, зошто да го замислуваме, кога можеме да бидеме „Европејци на иднината“. Европа е веќе длабоко во мене и јас сум Европа“.