Петрески: Со продлабодувањето на буџетскиот дефицит притисокот врз задолжувањето се зголемува, а тоа е спротивно на заложбите за фискална консолидација

од Vladimir Zorba
378 прегледи

Дали и во колкава мера може новата влада да одговори на барањата на синдикатот за поголеми плати? Укажувајќи на повеќеслојноста на одговоротизвршниот директор на Finance Think- Благица Петрески е децидна дека аргументот за зачувување на животниот стандард на вработените е легитимен, но и дека истовремено треба да  се води сметка за  нивото на продуктивност на јавниот сектор, како  и за тоа колкав е е просторот во буџетот..

„Било кој пораст не само на плати но и други буџетски расходи (како пензиите) кои се повисоки од создадената вредност во економијата и се алиментираат со задолжувања, може да притискаат врз цените. Периодов всушност, се наоѓаме во услови на инфлација која се смирува, но една непозната во поглед на идното однесување на инфлацијата ќе бидат потезите на фискалната политика токму во сегментот на платите и пензиите“, вели Петрески во интервју за Локално.  

Како приоритетни чекори кои треба да ги превземе владата наведува неколку, меѓу кои едни од основните се намалувањето на буџетскиот дефицит до нивото од најмногу 3% од БДП , стабилизација на јавниот долг, како  и конкретни мерки во борбата против сивата економија.

Во ситуација кога се интензивираат искричењата на релација синдикат- влада-опозиција треба ли да очекуваме жешка есен, особено ако го имаме предвид ставот на надлежните министерства дека нема пари за бараните покачувања на платите. Дали и од каде можат да се изнајдат доволно средства за повисоки плати а тоа да не предизвика зголемување на стапката на инфлација?

-Барањата за пораст на платите се постојани, а особено се нагласени по минатогодишната одлука на Уставниот суд со која се одмрзна растот на платите на функционерите и тие пораснаа за 78%, што понатаму предизвика лавина од барања за пораст на платите, пензиите и сите доходи. Аргументот за зачувување на животниот стандард на вработените е легитимен. Но, истовремено треба да водиме сметка за два други аспекти, и тоа колкава е продуктивноста на јавниот сектор, и колкав е просторот во буџетот. Продуктивноста во јавниот сектор е во надолна линија во последнава деценија; не е проблем обемот на јавниот сектор, туку она што тој го произведува како производ – тој производ има се помала вредност. Тоа може да го забележиме и преку резултатите кај клучни сектори; на пример, немаме напредок во постигнувањата како земја или уназадуваме на ПИСА резултатите, имаме егзодус во здравствениот сектор, кога доаѓате во контакт со институциите, не можете банална работа да завршите без да потрошите многу време и напор.

Меѓутоа, една од слабостите на нашите политики е што не секогаш се базирани на јасни критериуми и правила, напротив истите се многу паушални и водени од политичките циклуси. Така е и со платите, нивниот пораст не е врзан за конкретни исходи и резултати. Второто прашање е колку може буџетот да поддржи зголемување на платите во јавниот сектор од перспектива на моменталната структура. Анализата која неодамна ја правевме а се однесуваше на извршување на буџетот, вклучуваше и анализа на структурата на буџетот. Таа покажа дека низ годините ние се повеќе ги зголемуваме ставките кои претставуваат „фиксен трошок“ за државата, како што се платите, социјални надоместоци и пензии, и со тоа средствата кои остануваат за развојни цели се повеќе се намалуваат и истиснуваат. Од тој апсект, просторот за пораст скоро и да не постои.

На крајот, секако, било кој пораст не само на плати но и други буџетски расходи (како пензиите) кои се повисоки од создадената вредност во економијата и се алиментираат со задолжувања, може да притискаат врз цените. Периодов, всушност, се наоѓаме во услови на инфлација која се смирува, но една непозната во поглед на идното однесување на инфлацијата ќе бидат потезите на фискалната политика токму во сегментот на платите и пензиите.  

Речиси и нема ден без критика на власта за наследената состојба на буџетот, оценувајќи ја како катастрофална. Од друга страна, за опозицијата ваквите забелешки се единствено во насока на прикривање на како што велат “неспособноста’’ на надлежните. Колку  овие меѓусебни препукувања можат да влијаат негативно врз економските политики?

-Одржливоста на јавните финансии е пред сериозен предизвик. Согласно последните податоци, за вториот квартал јавниот долг е на ниво од 60.5%, што го надминува фисакланото правило од јавен долг под 60 % од БДП. Дополнително, со продлабодувањето на буџетскиот дефицит со ребалансот на буџетот од 3,4% на 4,9%, притисокот врз задолжувањето се зголемува. Тоа е спротивно на заложбите за фискална консолидација, но и кршење на фискалните правила поставени во Законот за буџети.

Но, треба да имаме предвид дека клучниот притисок за раст на долгот е неможноста да се рационализираат и консолидираат расходите на ниво кое можеме да го издржиме, односно ниво одредено од потенцијалот на приходната страна. Ова не е новонастаната состојба, туку е тренд на свесно креирање буџети поголеми од можностите. Ние дефинитивно мора да започнеме со здрава фискална консолидација. Тоа значи намалување на буџетскиот дефицит до нивото од најмногу 3% од БДП и стабилизација на јавниот долг. Рационализација на расходната страна е повеќе од неопходна. Тука повеќе пати сме укажале дека за значајно консолидирање на расходните ставки, подалеку од ставката стоки и услуги и традиционалната дебата за користење возила, ручеци, мебел и хонорарно вработување партиски членови, е неопходно одредено време. Да бидам оптимист и да очекувам вакви потези, базирани на поширока дебата, да станат видливи при проектирањето на Буџетот 2025 година, покрај кај ставката стоки и услуги, и во други релевантни ставки како разните видови субвенции, трансфери итн. Но, со ваквата поставеност на основниот Буџет, развојната компонента на буџетот не само што не се зајакнува, туку таа и дополнително ослабува. Во оваа насока, потребна е структурна промена во буџетирањето и во политиките на владата во среднорочна рамка.

Веќе негативно се изјаснивте во однос на линеарното зголемување на пензиите посочувајќи дека ќе се продлабочи дупката во фондот за ПИОМ, но можни ли се и дополнителни ефекти како зголемување на старосната граница за пензионирање или повисок придонес?

-Зголемувањето на старосната граница за пензионирање и повисоки придонеси често се дебатирани опции во контекст на одржливоста на пензискиот систем. Пред да настане пензиската реформа во 2019 година, дел од симулираните сценарија беа токму тие. Сценариото за пораст на старосната граница е најмалку посакувано, и аргументите се дека сеуште кај нас нивото на развој, работните услови и животниот век се пониски во споредба со земји каде границата за пензионирање е повисока. Но, тоа не значи дека нема да се случи во иднина, со подобрување на условите, со зголемување на животниот век и особено ако немаме друга опција за самоодржливост на пензискиот систем. Порастот пак на стапката на придонеси, е исто така опција, но тоа значи дека целокупниот товар од евентуална пензиска консолдација ќе падне само на тековната генерација вработени. Затоа, сценариото за споделен товар помеѓу тековната генерација вработени и тековните пензионери беше оптимално, односно благ пораст на придонесите, со исклучување адхок раст на пензиите, односно само усогласување според законското правило (50% од порастот на трошоците на живот и 50% од порастот на просечно исплатената плата).

Севкупно, одржливоста на пензискиот систем е исклучително важна, било која реформа е тешка, и треба доследност во имплементацијата со целосно почитување на правилата. Сепак, за да може да се процени состојбата, идните ефекти од потенцијалните политики за понатамошна одржливост, потребни се подлабински анализи.

 Барањето на синдикатите најдоцна до септемрви да се зголеми минималната плата, повторно ги подгреа односите меѓу работниците и работодавачите. Едните се подготвени на протести, другите велат дека со зголемување на платите, ќе се затворат бизнисте. Што мислите, дали постои решение со кое и двете страни можат да бидат задоволни? Дали евентуалниот договор  дополнително ќе влијае на феноменот “ плата во плик”?

-Вистината е некаде на средина, односно ниту таков вештачки раст на минималната плата има целосна пазарна оправданост, ниту пак ако евентуално се случи бизниси ќе се затворат. Ќе образложам зошто. Погоре објаснив дека економијата се соочува со стагнантна продуктивност. Стагнацијата на продуктивноста е особено видлива во фирми чии вработени имаат понизок степен на образование, кои се во трудоинтензивни сектори итн. Тоа се фирмите што се поизложени на минимална плата. Нашите истражувања покажаа дека во претходните наврати на големи зголемувања на минималната плата, амортизер беше т.н. плата во плико, односно дел од платат кој овие работници го земале во кеш; всушност, истражување од 2017 година покажа дека тогаш 69% од примателите на минималната плата примиле и плата во плико, која се движела од 20% до 90% од тогашното ниво на минималната плата (тогашните 12.000 денари). Значи, со порастите, едноставно кажано се формализираше таа плата во плико, во одреден дел. Сега ситуацијата е поразлична, присутен е феноменот на плата во плико, но во помал обем, што значи дека евентуално зголемување на минималната плата треба од некаде работодавачите да го финансираат. Ако тоа не им го овозможува капацитетот на нивната фирма, ќе прибегнат во обратна насока, кон деформализација, на пример осигурување на работниците на помалку часови, „играње“ со должината на договорите за вработување и тн. Во таа смисла, создавањето вештачки притисок може да има повеќе негативни отколку позитивни импликации. Да, минималната плата треба да расте за да се зачува животниот стандард на примателите, и да се „јава“ на моменталниот притисок на пазарот од недостиг на квалификувани работници, како пазарен механизам за пораст на платите. Всушност, во истражување што го објавивме лани, 2/3 од притисокот за платите произлезе дека го генерира тој недостиг од работници на пазарот, а само 1/3 други фактори, меѓу кои и минималната плата. Да останеме фокусирани на создавање нова вредност во економијата, од што ќе произлезат повисоки плати, наместо да се бавиме со прераспределба на малата вредност што ја создаваме.

Се најавува воведување на е -фактура, како можно решение за сивата економија. Дали фактот што и досега не се практикуваше електронската фактура, ја доведува во прашање политичката желба да се скроти неформалната економија а со тоа и целосно да се заменат физичките банкноти и монети со електронски денари? Колку сме далеку од таквите европски и светски искуства?

-Политичката воља за справување со сивата економија е најзначаен фактор за справување со сивата економија. Немањето воља може да се види и од реализацијата на минатата Стратегија за формализација на сивата економија 2018-2022. Забележуваме дека повеќе од пола од предвидените активности за таа битка не биле реализирани, не ни отпочнале со реализација. Дополнително, неопходно е за еден сегмент од сивата економија, потпријавениот промет, да се направи детална дијагностика, за што клучна е отвореноста на Министерството за финансии и Управата за јавни приходи во обезбедување соодветени податоци. Кај минатата влада немаше отвореност во тој сегмент, во моментов постојат индиции дека овие институции имаат волја да бидат кооперативни.

Дали е-фактура е решение за сивата економија, не знам. Не сме го истражувале тој дел. Но, во секој случај, нас ни се потребни алатки и политики кои одговараат на контекстот вклучително и на внатрешните капацитети во институциите. Затоа што, можеби некоја алатка е соодветна во некоја европска земја, но доколку таа не одговара на нашиот контекст, не ги адресира причините за сива економија и клучните придонесувачи кон сивата економија, не е соодветна на капацитетот на двете клучни институции УЈП и Трудов инспекторат, повторно ризкуваме да завршиме со убаво дизајнирана мерка на хартија, а со проблеми во пракса.

Имајќи ги предвид економските заложби на новата Влада, очекувате ли дека до крајот на годината ќе има позитивно поместување на бројките кои покажуваат дека непријавената работа во земјава тежи околу 200 милиони евра ?

-Нашите проценки се дека повеќе од петтина од вкупниот трудов придонес останува под радарот на властите. Грубо, тоа се изгубени околу 250 милиони евра фискални приходи годишно за државата, во форма на директни даноци и придонеси. Земајќи предвид дека справувањето со сивата економија беше една од клучните политики во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ, и во моментот е една од стратегиите на Владата за зголемување на приходите, очекувањата се дека таа намера ќе се преточи во реализација. Борбата со оваа појава може да биде на два фронта: од една страна зачестени и неселективни инспекции, вкрстени акции за идентификување на неформалните практики и зголемување на казните, а од друга страна, преку стимулирање на формализација на неформалната работа и јакнење на даночниот морал. Сепак, не би очекувала спектакуларни резултати за само неколку месеци, но барем почеток на конкретни видлви мерки. Затоа што, ниту капацитетите во институциите може да се променат за краток рок, ниту на страната на работниците и работодавците може да се промени преку ноќ толеранцијата кон сивата економија.

К.В.С.

Слични содржини