Има повеќе кандидати, околу петнаесетина кои се многу предлагани и уште 15-тина имиња кои што не се спомнати. Има постапка во која тој круг треба да се стесни и потоа да одлучуваат органите на партијата. Стево Пендаровски е еден од предлозите со најмногу кандидатури од општинските организации на СДСМ, меѓутоа има и други, изјави денеска поранешниот градоначалник и актуелен член на Извршниот одбор на СДСМ, Андреј Петров.
За Арбен Таравари, Петров вели дека „ако сакате да бидете претседател на државата, со кредибилитет на кој ќе веруваат сите граѓани, не можете за 10 дена да го менувате ставот“ околу најавената кандидатура.
-Очигледно дека Села ќе ја презеде партијата Алијанса. По мене е погрешен чекор, но секој има легитимно право да се кандидира, па и Таравари. Таравари немал забелешка за Пендаровски пред месец дена, а сега не гледам што би била забелешката. Логично е дека тој како кандидат нема да влезе во вториот круг. Тоа го зборуваат бројките и анализите, истакна членот на ИО на СДСМ во емисијата на „Слободен печат“.