Во oпштина Битола, градоначалничката Наташа Петровска денес официјално му ја предаде функцијата на новоизбраниот градоначалник Тони Коњановски.
На примопредавање на градоначалничката функција, Петровска на новиот градоначалник Тони Коњановски, му подари пенкало за да потпишува значајни договори за Битола, клучевите од кабинетот и општински информатор за реализираните проекти во периодот од 2017-2021 година, додека Коњановски ѝ подари букет рози.
„Во моментов имаме буџетски стабилна општина, со над 4.200.000 евра, од кои што најмногу се наменети за проекти од интерес на граѓаните. Подготвена е и проектна документација за дел од проекти за кои се склучени договори, некои се во извеедба, а некои пред воведување во работа. Во периодот кој што следува, треба да влезат дополнителни над 2.000.000 евра од продажба на градежно земјиште, кои покажуваат дека може да се стави инпут на сериозна количина на средства. Она што го оставам на мојот наследник, почитуваниот Коњановски, е стабилна финансиска општина и општина со изготвени проекти“, истакна Петровска.
На сите кои се занимаваат со политика, таа им порача да имаат здравје и мудрост, бидејќи, како што кажа, мудроста е многу важна кога се носат одлуки кои што влијаат на животот на останатите.
Градоначалникот Коњановски ѝ се заблагодари на Петровска и посочи дека ќе работи со сите искусни и професионални лица во општината.
„Активностите почнуваат веќе од денес, а граѓаните за сè ќе бидат благовремено информирани. Тргнуваме во нови победи, но нови успеси, заедно со Вас“, посочи Коњановски.