Петровска по изборот на Филипче: Се боревме против заробена држава, добивме заробена партија

од Nikola Popovski
250 прегледи

Пратеничката на СДСМ, која ја повлече кандидатурата за нова лидерка на партијата, Славјанка Петровска синоќа се огласи откако партијата од „Бихаќка“ избра нов претседател. Петровска доцна синоќа:

„Се боревме против заробена држава, добивме заробена партија“.

Петровска замерува што новиот претседател на СДСМ е избран со 11% од вкупниот број на членови на СДСМ – од 83.000 членови, ЗА гласале само 9.000.

-И со ова само се продолжува агонијата во која СДСМ почна да тоне од 2020та година наваму. Денес на многу членови на СДСМ не им беше овозможено да гласаат затоа што ги немаше на избирачкиот список, иако уредно се регистирале. Денес, 11.000 членови одбија да гласаат затоа што се спротиставија на начинот на кој беше водена кампањата, на фаворизирањето, на несанкционирањето на злоупотребата на лични податоци, на притисоците да се поддржи фаворитот, затоа што се чувствуваат навредено на избирачкиот список на СДСМ да се најдат со активисти на владејачки партии. Згора на се, Централната изборна комисија заборави дека јас ја повлеков кандидатурата, па ги броеле и тие гласови, многу професионално, зарем не. А и како прогласија претседател, а не ги почекаа приговорите? Еве доказ за диригираниот процес.

Но, најважното СДСМ е многу повеќе од 12.000 или 23.000, СДСМ се сите кои не се регистрираа и со тоа демонстрираа отпор.  Ова сценарио е погубно за СДСМ, за вистинската СДСМ и затоа не е доцна нешто добро да се направи. Јас ќе се борам за доброто на СДСМ. На Македонија и треба силен, кредибилен и чист СДСМ и затоа повикувам формирање на привремено раководство, без багаж и кое ќе има јасен мандат и капацитет да ја обедини партијата, и да ја подготви за следните и внатрепартиски и локални избори. Ова е единственото сценарио за заздравување на СДСМ.

Свесна сум дека оваа моја искреност некого ќе го повреди, но подобро некој да е повреден од мојата искреност, отколку партијата да се сведе на 50.000 гласови следната година, објасни пратеничката во соопштение до медиумите.

Повлекувањето на Петровска од трката дојде откако во неколку наврати изминатиот период ги извести партиските тела но и јавноста за неправилности и недоследности кои ги ставаат во нерамноправна положба кандидатите за иден претседател и со тоа влијаат на самиот изборен процес. Токму затоа Петровска не присуствуваше на дебатите кои беа организирани во текот на неделата. Нејзиното име сепак се најде на гласачките ливчиња, иако екс-министерката побара да биде тргнато.

Претходно, Петровска ги повика останатите тројца кандидати да се откажат од внатрепартиското гласање за избор на претседател на партијата, бидејќи како што рече, изборниот процес бил нефер, односно еден од противкандидатите имал пристап до базата на податоци и ги злоупотребувал личните податоци на членовите на партијата. Таа, исто така, посочи дека до неа стигнале информации дека во определени општински организации се појавиле одреден број на гласачи, кои не побарале да бидат регистрирани, односно, како што рече, некој користејќи алатки во нивно име ги регистрирал.

По вчерашните внатрепартиски избори, Венко Филипче е нов лидер на СДСМ. Освои 9 илјади и 52 гласа на вонредните избори за претседател на социјалдемократите. Порача дека сега е време за обнова на СДСМ и многу работа, нема време за славење.

-Следи период на реорганизација и реформи, кажа Филипче.

По него е Јован Деспотовски со освоени 2.705 гласови. На трето место со 905 гласа е Александар Бајдевски, а за Петровска гласале 190 членови на СДСМ.

Деспотовски најави приговори. Прашува како е можно 10.000 членови кои се регистрирале да учествуваат во изборниот процес да не можат да го остварат своето право на глас.

Рече дека се радува за Венко како за другар, но не се радува за партијата.

-Не можеме да збориме за избран претседател на партија кога 10 илјади членови не гласаа, а имаме избран претседател со 9 илјади гласови. Им благодарам на сите кои гласаа, но им благодарам и на оние кои излегоа а не им беше дозволено да гласаат, а такви има многу. Додека не одговориме на две прашања во оваа партија, не мислам дека треба да зборуваме за завршени избори. Зошто на тие 10 илјади членови не им беше дозволено да гласаат и зошто оние кои излегле, биле вратени. За резултатот немам коментар. Како другар се радувам за Венко ама не и за СДСМ. И вечерва зградата е празна и тоа треба да не загрижува, кажа Деспотовски од седиштето на партијата.

Слични содржини