Петровска со американски конгресмени: Соработката на С. Македонија и САД во одбраната е на највисоко ниво

од Vladimir Zorba
236 прегледи

Стратешкото партнерство меѓу Северна Македонија и САД, одличните билатерални одбранбени односи, осудата на руската агресија врз независна и суверена Украина, безбедноста во регионот и пошироко, биле темите за кои денеска во Министерството за одбрана разговарале министерката за одбрана Славјанка Петровска и делегацијата на американски конгресмени предводена од конгресменот Верн Бјукенен.

Средба Петровска – конгресмен Верн Бјукенен- Северна Македонија е посветен сојузник кој цврсто верува во заедништвото и во вредностите кои нè поврзуваат. Соработката со САД, нашиот стратешки партнер со кој развивме стратешки дијалог е на досега највисоко рамниште. Поддршката од САД минатата година достигна близу 50 проценти од националниот буџет за одбрана што е уште една потврда за долгорочната и одлучна поддршка на стабилноста на Република Северна Македонија од стратешкиот партнер. Стратешкото партнерство и пријателство со САД и нашето инвестирање во опремувањето на Армијата, овозможуваат да се остварат зацртаните проекти на опремување и модернизација и да ги исполниме НАТО целите на способности, нагласила министерката Петровска.

Таа се заблагодарила за долгогодишната поддршка што македонската Армија ја прави уште посилна, поспособна и опремена со современо вооружување и опрема.

Во однос на безбедносната состојба, министерката за одбрана истакнала дека Северна Македонија била јасна од самиот почеток, во осуда на руската агресија врз Украина.

– Северна Македонија беше и јасна и гласна од почетокот на агресијата – дека таа претставува целосно прекршување на меѓународниот правен поредок и дека мора да запре. Истовремено ние донесовме серија на одлуки со кои ја поддржавме Украина која има право да ја одбрани својата територија и својот народ, истакнала Петровска, стои во соопштението од МО.

Конгресменот Бјукенен, во име на целата делегација, ја поздравил континуираната поддршка од Северна Македонија за одбрана на Украина од руската агресија и изразил поддршка за силното партнерство и сојузништво меѓу двете земји.

Слични содржини