Петровска за „Локално“: Благодарна сум на Владата за довербата, ќе продолжам да работам за јавниот интерес

од Nikola Popovski
715 прегледи

„Најпрво благодарна сум на Владата за укажаната доверба да ја водам институцијата што нејнепосредно се грижи за спроведување на законите за животна средина“, вели во изјава за „Локално“, сега поранешната директорка на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) Ана Петровска, откако Владата на денешната седница ја разреши од функцијата.

Таа додава дека резултатите ги презентирала утрово, односно дека зголемен бил обемот на работа и ефикасноста, откако е на функцијата во ДИЖС.

„Се зголеми и бројот на казни за загадувачите. По престанокот на функцијата се враќам во Министерството за животна средина и просторно планирање. Останувам во секторот и продолжувам да работам за јавниот интерес“, вели Петровска.

Владата на денешната редовна седница ја разреши Петровска од функцијата и на нејзино место го постави Сретен Стојковски, кој е нејзин партиски колега од ДОМ.

Таа на денешниот прес го презентираше шестмесечниот извештај за работата на Инспекторатот и информира дека најниската изречена глоба е 3000 евра, а највисоката глоба изречена оваа година е 20 илјади евра – за една оранжерија во Градско.

Во 2021 во споредба со 2020 година, информира таа, зголемен е бројот на вонредни надзори, односно спроведени се 171 вонреден надзор, наспроти 71 во 2020 или зголемување од 138 посто.

„И покрај тоа што овој период тројца од вкупно 19 инспектори не вршеле надзори, затоа што еден инпектор е на неплатено отсуство од април, еден суспендиран заради сомнеж за поткуп и еден кој од вкупно шест месеци, пет месеци бил на боледување“, посочи Петровска.

Н.П.

Слични содржини