Петрушевски разговарал со одредени луѓе: Заев веќе се договорил со судијата за тужбата против мене

Пратеникот бара судскиот процес за тужбата за клевета од екс-премиерот да биде во Скопје, а не во Струмица

од Nikola Popovski
24 прегледи Фото: Фејсбук

„Во Струмица се зборува дека малтене се е под контрола на Зоран Заев, не ме чуди и судството, како и судиите кои таму се избрани кога тој бил на функција. Впрочем, тој беше и претседател на Тело за реформи во правосудниот систем, иако неславно заврши на функцијата. Претпоставувам, од она што го разговарав со одредени луѓе, дека тој веќе се договорил со судијата и ова е само еден формален начин тоа да го сработи“, вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски за неодамнешната поднесена тужба од екс-премиерот Зоран Заев.

Петрушевски оценува дека правосудниот систем во Македонија мора да биде независен. Запрашан дали ќе оди на судењето во Струмица, тој вели:

-Доколку судијата или оној кој што ќе одлучува за овој предмет, се води по словото на закон, тогаш не, затоа што согласно Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, стои дека надлежен суд за водење на постапката е судот според местото на извршување на клеветата. Во самата тужба, адвокатот навел дека условно кажано, таа клеветничка изјава сум ја дал на прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ во седиштето во Скопје и оттаму судењето треба да биде во Скопје. Јас доставив одговор и приговор за надлежност и очекувам судијата да суди и процени согласно зкаонските прописи, па да се сретнеме на условно кажано, неутрален терен, вели пратеникот во емисијата „Радио Лидер“.

Поранешниот премиер пред еден месец поднесе тужба против пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и сопственикот на клиниката Жан Митрев. Заев претходно најави дека ќе поднесе тужби ако Петрушевски не му се извини за тврдењата дека заплентетата марихуана била поврзана со фирми блиски до Заев, додека пак екс премиерот го тужи доктор Митрев поради неговите тврдења за преземање на неговата болница.

Според наводите во тужбата поднесена против пратеникот Петрушевски, повод за судската постапка се изјавите на пратеникот од 7-ми февруари годинава во кои тој го обвинува Заев за поврзаност со запленетите 27 тони дрога во земјава, тврдејќи дека експремиерот е дел од струмички наркокартел, а оти лиценците за производство на канабис за медицински цели во времето на владата на СДСМ се доделувале по блискост со владејачката партија.

И во двете тужби, Заев како надомест бара по 500.000 денари.