Петрушевски се правда откако не се појави на координацијата со Трендафилов: „Со лага ага не се бидува“

од Даниел Ѓорѓиевски
88 прегледи

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, денеска објави фотографија пред Собранието, каде што требаше да се одржи координација со пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски. Според Трендафилов, пратеникот не се појавил на договорената средба.

„12 часот, како што му ветив, јас на координација кај Бране, а Бране го немаше“, напиша Трендафилов на својот Фејсбук профил.

Пратеникот Петрушевски веднаш реагираше на објавата на првиот човек на ССМ, обвинувајќи го Трендафилов за ширење невистини и манипулации.

„Со лага ага не се бидува, со фалсификати прв синдикалец не се станува! За среќа, седниците одат во живо, а јас сум во Собранието на пленарна седница за интерпелациите на Судскиот совет“, напиша Петрушевски, потенцирајќи дека неговото присуство на седницата е документирано во јавниот пренос.

Средбата меѓу Трендафилов и Петрушевски беше најавена за време на вчерешната прес конференција на ССМ, а првиот човек на синдикалците ја најави поради честите обвинувања од страна на пратеникот дека ССМ работи во интерес на опозициската СДСМ.

„Доколку кажат дека ова е политичко барање, утре во 12 часот, колегата Бране, кој седум дена излегува на телевизија, нека ме чека во парламентот. Ќе дојдам да се координирам со него, да ја зголемат минималната плата на 550 евра“, изјави вчера Трендафилов.

Инаку, од ССМ нагласија дека остануваат отворени за договор со Владата околу минималната плата, но доколку истиот не се постигне, најавија масовни протести на 2 и 7 април, како и на 1 Мај.

Слични содржини