Се огласи пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски откако претходно беше објавено дека екс-премиерот Зоран Заев му поднел тужба против клевета. Петрушевски порачува дека „тужбата нема да го испере Заев, ниту ќе ја сокрие вистината“.
Во својата објава, пратеникот тврди дека завршија времињата кога, како што вели, од позиција на власт се нарачуваа пресуди, се вршеа притисоци врз обвинители и судии, и се замолчуваа оние што поставуваа прашања. Петрушевски е дециден денес институциите мора да работат по закон, а не по телефон.
„Јас стојам зад секој јавно изнесен збор и подготвен сум аргументите со Заев да ги соочиме пред судот и пред јавноста. Судницата не е средство за заплашување, туку место каде се утврдува вистината. Денес никој не е над законот. Ниту поранешен премиер, ниту актуелен пратеник. Но, наместо Заев да се обидува преку тужби да ја замолчи критиката, нека одговори на суштинските прашања што кои ја интересираат јавноста. А вистината секогаш излегува на виделина“, порачува пратеникот.
Според наводите во тужбата поднесена против Бране Петрушевски, повод за судската постапка се изјавите на пратеникот од 7-ми февруари годинава во кои тој го обвинува Заев за поврзаност со запленетите 27 тони дрога во земјава, тврдејќи дека експремиерот е дел од струмички наркокартел, а оти лиценците за производство на канабис за медицински цели во времето на владата на СДСМ се доделувале по блискост со владејачката партија.
Екс-премиерот бара оштета од 500 илјади денари, при што најавува дека евентуалниот надомест ќе го донира за децата без родители и за лицата со посебни потреби.