Уставните судии во нов обид да изберат претседател. Ниеден од кандидатите не ги доби потребните 6 гласа од колегите по четирите обиди за гласање.
Гласањето е тајно. Резултатот во сите 4 круга ист, 5 гласа за Татјана Васиќ Бозаџиева, а 4 за Ана Павловска-Данева.
За денеска закажана нова седница во 10 часот. Согласно Деловникот, постапката за избор се повторува се додека не се избере претседател на Уставниот суд. Неизвесно е дали некој од кандидатите ќе го добие потребното двотретинско мнозинство за да застане на кормилото на Уставниот суд.
Предлогот за кандидат за претседател на Уставниот суд го утврдува комисија од тројца судии избрани со мнозинство од вкупниот број на судиите.
Мандатот на претседателот на Уставен суд е три години, без право на реизбор. На се уште актуелната претседателка на Уставниот суд, Добрила Кацарска, мандатот ѝ завршува на 2-ри јуни.