Австралијанецот Оскар Пијастри триумфираше на Големата награда на Шпанија, деветтата трка од овогодинешниот шампионат во Формула 1, што се одржа на патеката Барселона-Каталуња. Мекларен оствари двојна победа, откако втор на целта пристигна Британецот Ландо Норис, додека Шарл Леклер од Ферари го комплетираше подиумот со третото место, по драматичен финиш.
Ова е петта победа за Пијастри сезонава и осми пат по ред како се искачува на подиумот. Со ова, Австралиецот ја зголеми предноста во генералниот пласман – сега има 186 поени, 10 повеќе од својот тимски колега Норис. Актуелниот светски шампион, Макс Верстапен од Ред Бул, падна на третото место со 137 поени и продолжува да се соочува со проблеми – ова беше неговиот најлош настап во последните шест трки.
Од самиот почеток, Мекларен доминираше. Двата болиди имаа убедливо водство пред Верстапен, чии што тим се обиде да ја надомести слабата форма на автомобилот со агресивна стратегија – три застанувања за промена на гуми. Но, трката доби пресврт во 55-от круг.
Младиот Италијанец, Кими Антонели (Мерцедес), доживеа технички дефект и излета од патеката, што предизвика појава на безбедносно возило. Тимовите ја искористија можноста за уште една промена на гумите. Верстапен доби тврдa смеса – единствената што му беше преостаната – додека сите други конкуренти се вратија на патеката со меки гуми.
По рестартот, шест круга пред крајот, Пијастри и Норис се одвоија на челните позиции. Верстапен се обиде да ги следи, но неговиот болид немаше стабилност. Шарл Леклер тоа го искористи – уште на стартно-целната линија го престигна Холанѓанецот во тесен контакт, влегувајќи во кривината. Џорџ Расел од Мерцедес исто така се обиде да го претекне, но Верстапен агресивно се одбрани, излегувајќи од идеалната линија и ја задржа четвртата позиција.
Фрустрацијата кај Верстапен кулминираше кога од тимот му наредија да го пропушти Расел. На момент изгледаше како да се согласил, но кога Британецот се обиде да го заобиколи, Верстапен речиси го истурка од патеката. Судиите реагираа – му доделија казна од десет секунди за намерен контакт, што го фрли од петтото на десеттото место и му донесе само еден бод од оваа трка.
Следната трка во календарот на Формула 1 е закажана за 15 јуни – Големата награда на Канада во Монтреал, на патеката „Жил Вилнев“. По три интензивни недели, возачите добиваат двонеделна пауза пред новиот предизвик.