Новиот капитен на Барселона, Жерар Пике се согласи на намалување на платата за да може да продолжи да игра за Барселона. Фановите се согласуваат дека тој покажал човечка величина во моментите кога било најпотребно.
Пике се согласи да игра речиси бесплатно за да му помогне на клубот да регистрира нови играчи пред почетокот на сезоната во лигата. Благодарение на неговиот потег, Барселона успеа навреме да ги регистрира Депај и Гарсија, па и двајцата играа против Сосиедад.
„На крајот ни беше малку тешко, но во глобала тоа беше одличен натпревар. Ја контролиравме играта 80 минути. Мора да бидете среќни по ваков натпревар. Имавме добар настап, и се појавија новите играчи“, рече Пике, додавајќи дека другите капитени и лидери на Барселона ќе се согласат за намалување на платата, како и тој.
„Роден сум тука, пораснав овде, бев навивач и играч. Сакам да кажам дека сме во контакт со капитените и тие исто така ќе го прифатат намалувањето. Ова е семејство, сите сме заедно. Капитените имаат намера да се прилагодат на она што клубот го бара. Тоа е одлуката што ја донесовме. Горди сме на тоа“, вели Пике.
Тоа беше прв натпревар на Барселона без Лионел Меси.
„Знаевме дека луѓето ќе реагираат вака. Меси е најважниот играч во историјата на фудбалот, но се се случува и мора да продолжите. Ќе бидеме многу конкурентни, ќе се бориме за се. Нема да го имаме талентот на Лео, но сме обединети. Имаме цел и ќе сториме се за да ја постигнеме“, додаде тој.
Пике подоцна даде интересни коментар на „Твич“, споредувајќи ги Мбапе и Халанд.
„Тие се тие што доаѓаат сега, тие се различни. Еден е многу сличен со Роналдо Назарио. Халанд е помоќен, посилен “, смета новиот капитен на Барселона.
Потоа се осврна на намалената плата, па низ смеа рече дека сега игра за четири долари.
Тој исто така потврди дека „100 проценти“ ќе остане во Барселона до крајот на неговата кариера.