Пикот на третиот бран во земјава може да се очекува за две недели, велат експертите

од Берта Китинска
212 прегледи

Бројот на заболени и починати во земјава секојдневно расте. Експертите велат дека пикот на третиот бран може да се очекува за две недели.

Пикот на третиот бран може да се очекува за две недели, на средина од месецов, или кон крајот на април, вели за Канал 5 Проф. Д-р Драган Даниловски.

– За да стигнеме до пикот има период на качување. Сега треба да очекуваме уште еден толкав период на симнување, значи уште пет-шест недели – рече Даниловски во вестите на Канал 5.

Тој останува на ставот дека потребно е да се воведува викенд карантин со цел да се намали бројот на заболени на дневно ниво, ама клучно, за да се намали бројот на починати.

Професорот  смета дека полицискиот час од 22 часот дал резултати, затоа што се намалиле социјалните контакти и се спречило поголемо ширење на вирусот.

Даниловски вели дека нашиот народ живее нездраво и дека токму затоа ковид-19 зема толку жртви.

-Тие се затвораат по кафеани, на домашни седенки, во обложувалници. Не се движат надвор, на свеж воздух. Повеќето се пушачи, нездраво се хранат и тоа се фактори придонесуваат болестите да имаат потешка слика, вели д-р Даниловски.

Микробиологот д-р Никола Пановски во интервју за Сител, вели дека според бројот на нови заболени и хоспитализирани пациенти со ковид-19 пикот се очекува за две недели со над 60 смртни случаи на ден.

„Според бројот на хоспитализирани можеше да се очекува бројот на починати, што според разни статистики е околу 20-30 отсто. И, не е тешко да се прерачуна ако имате 1 700 хоспитализирани, колку ќе си одат дома колку нема да си одат дома, и од таа бројка ќе испадне околу 500. Рачунајте во следните 10 дена, тоа ќе варира, меѓутоа тој е процентот. Не се намали процентот на смртност, не се пронајде некој нов лек.

Бар кај нас лекувањето мислам дека е такво какво што беше есетнта и бројот на смртни случаи го прати бројот на ново откриените случаи и на хоспитализираните пациенти. За жал бројот на смртни случаи две недели доцни во однос на новооткриени и ако она вчера 1 500 беше некој пик или деновиве ќе го достигнеме, тогаш би требало да сметаме дека  пикот на смртни случаи ќе биде две недели подоцна. Ако бројот во следните денови е 40 се за жал да оди и над 60“,вели Пановски.

Во последните 24 часа се регистрирани нови 1.394 случаи на Ковид-19, 45 починати и 479 оздравени пациенти, соопшти Министерството за здравство согласно податоците од Институтот за јавно здравје.

Слични содржини