По едната утринска писмена реакција за лоши состојби во Нова Македнија од синдилаци на куќата, на крајот на денот контра реакција дека тие немале синдикат и дека тоа било само обид за нивна дисквалификација а не тешките сосотјби во медиумот.. Во писмото демант тие велат дека тоа било напишано надвор од редакцијата на „Нова Македонија“ и зад него не стоел ниту еден новинар ниту вработен во весникот. Локално.мк и оваа писмо го објавува во целост, во интерес на гласност и информирање за состојбите во овој медиум:
Ние, вработените во првиот дневен весник на македонски јазик „Нова Македонија“, едногласно констатиравме дека писмото испратено до нашата редакција, кое вчера беше објавено од некои медиуми во земјава, од некојси наводен независен синдикат на „Нова Македонија“, е флагрантен обид за професионална, политичка и општествена дисквалификација на нашиот весник. Најпрво сакаме да ја информираме јавноста дека никој од вработените нема слушнато за постоење на ваков синдикат, ниту, пак, некој кога било се легитимирал како член на некаков независен синдикат на „Нова Македонија“. Писмото не е напишано од нас, вработените, ниту е побарано некој да нѐ застапува. Ние не знаеме кои се причините, целите и во чија функција е. Тоа е напишано надвор од редакцијата на „Нова Македонија“ и зад него не стои ниту еден новинар ниту вработен во весникот. Сметаме дека тоа е напишано и испратено до медиумите за да му се наштети на работењето на медиумот, кој се бори да опстои на пазарот и да ја извршува својата професионална функција првенствено во интерес на јавноста и граѓаните. Повеќе од очигледно е дека авторот на ова фантомско писмо, со ваквиот подмолен и кукавички напад, сакал да ни наштети нам, на вработените, и на весникот, токму во период кога медиумите „минуваат или остануваат во ситото на професионалноста и на новинарските принципи и стандарди“. Токму во тој контекст, за жал, мора да констатираме дека колегите од медиумите каде што ова писмо беше објавено не се јавија во редакцијата на весникот да ја проверат, потврдат или демантираат веродостојноста на писмото или, пак, да побараат мислење и/или реакција од нас вработените. Тие само го објавија писмото што го добиле по е-пошта, непотпишано од никого и со тоа го прекршија основното новинарско и професионално правило за проверка на добиената информација и за обезбедување втора страна.
Поради тоа бараме од медиумите да го објават овој демант на истото место каде што беше објавено и фалсификуваното писмо. Факт е дека весникот се соочува со предизвици и со проблеми во овој период, предизвикани од надворешни фактори, кои ја игнорираат пазарната логика на работење, но ние во редакцијата стоички и здраворазумски ќе го решиме тоа во процедура, а не преку јавни повикувања или квазиписма, кои не служат за ништо, а најмалку нам вработените и на нашиот весник. Затоа ние, вработените, и го отфрламе ваквиот начин на комуникација, сметајќи дека со пишувањето анонимни душегрижнички писма, а затскривајќи се зад фантомски здруженија, не може да се дојде до решенија.
Во интерес на јавноста, сепак, треба да се знае и дека во „Нова Македонија“, и покрај сите предизвици изминативе години, ниту се намалија платите, ниту пак издавачот ќе ги остави вработените без работа. Исто така, како уредувачка политика весникот не потпадна под ниту еден центар на влијание во овој најбурен период од поновата македонска историја. Тоа можеби некому му попречило и, заради свои мрачни цели, не можејќи да го стави под своја „закрила“, одлучил да стрела во весникот со најприземни и отровни методи. Сепак, како весник роден во бурно и борбено време, во духот на нашиот бренд, ќе опстоиме и на овие предизвици.
Останувајќи и натаму цврсто на нашата уредувачка политика и темелните професионални определби во своето работење, „Нова Македонија“ ги отфрла сите обиди за дискредитирање на работата на весникот, кои доаѓаат во еден крајно чувствителен период на медиумски, но и на политички план. Наедно, сакаме да им порачаме на сите душегрижници дека ние, вработените во „Нова Македонија“, потврдуваме дека ќе останеме на принципите на новинарството и пред сѐ во интерес граѓаните на Република Македонија, се вели во демантот исто така испратен од „Нова Македонија“