Пивоваров: Контролите во фирмите кои произведуваат канабис се прават со најголем степен на тајност, а не да најавуваме предвреме – сега ќе имаат време да ги средат магацините и документацијата и нема да се постигне реалната ефикасност

„Kако луѓе не сме спремни за бизнисот со марихуана - ако еден литар за цедено масло чини околу 10.000 евра за извоз во големите светски компании и ако тоа не биде преточено во екстракција на масло, на црниот пазар би се продало и за пет пати повеќе“, вели професорот за „Локално“

од Nikola Popovski
92 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Околу 40-тина тони медицинска марихуана заплени македонското Министерство за внатрешни работи во соработка со Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал. Марихуаната е запленета на повеќе локации во Скопје и струмичко. Станува збор за лиценцирани производители на медицински канабис, кои опојната дрога незаконски ја складирале и пуштале во промет. Во Скопје, запленети се 10 тони марихуана од компанијата „Алфалаб“. На ваквиот развој на настаните му претходеше заплената на пет тони марихуана во Србија, за која беше констатирано дека е од Македонија. Од СДСМ бараат одговори за случајот.

Премиерот Христијан Мицкоски пак, запленувањето на марихуаната во Србија ја оквалификува како сериозен случај, најавувајќи при тоа дека македонските граѓаните наскоро ќе бидат сведоци на тешки и мачни ситуации и оти очекува ресорното министерство да заплени десетици тони на марихуана. Од најголемата владејачка партија велат СДСМ е виновен за неконтролираното производство што не ги исполнува меѓународните ГМП-норми.

„Не сме зрели како општество за бизнисот со медицински канабис“

Според поранешниот национален координатор за гранично управување и професор по безбедност, Владимир Пивоваров, треба да престанеме со тоа дека некој претходник е виновен затоа што секоја власт ја има својата одговорност. Потсетува дека овој закон беше критикуван при носењето од страна на опозициската партија и тоа е во ред и тоа е нивно право, но, доколку имал фалинки или не требал да постои, со преземање на власта, законот можел да се укине.

-Од тогаш досега имаме период од 20 месеци. Од она што го слушнавме од МВР е дека Комисијата од МЗ која е надлежна за издавање на лиценца на огледување на огледување на канабис и втората Комисијата која ја предводи МАЛМЕД е надлежна лиценцата за маслото од канабис. Сами наведуваат дека комисијата не била функционална. Владата е таа која доколку има проблеми, треба да ги разреши. Ние во Македонија се научивме се пост-свестум да реагираме. Доколку медиумите од Србија не почнаа да соопштуваат дека имало таква заплена на дрога и доколку министерот за внатрешни работи, Ивица Дачиќ не изјавеше дека таа стасала од Македонија…20 месеци е голем период во кој може да се произведат огромни количини на марихуана и никој да не ги контролира, вели Пивоваров за „Локално“.

Според него, фатени пет тони во Србија се само капка во морето. Тврди дека законот кај нас е прекрасен, меѓутоа, ние немаме ниту капацитет ниту интегритет – зборувам за партиските кадри кои се ставаат на тие функции.

-Ако било спроведено се како што е предвидено според законот, преку водење дневници, посебни складишта на марихуаната…Имате посебни сефови каде што влегуваат три лица,  тоа е сегмент со отпечатоци, кој влегол, што влегол и сето се снима со камера. Во услови кога тие поднесуваат месечен извештај до МЗ и Комисијата за тоа што е произведено и складирано… Треба да знаете дека и вагите кои го мерат готовиот продукт се во шест децимали, да не може ниту грам повеќе да биде извезен на црниот пазар. Секогаш велиме дека проблемот е системски – не е, има луѓе кои треба да ги извршуваат работите. Загрижува фактот што Владата вели ќе дадеме наредба да се проверат сите лиценцирани огледувачници на марихуана. Тоа не е работа на Владата, во законот си стои убаво кој, како и кога треба. Некој не си ги исполнил обврските. Изминаа веќе 12 дена и остава простор во јавноста секој различно да го толкува, истакнува соговорникот за заплената кај нас.

Тврди дека немањето контрола и испуштањето на главниот проблем.

Фото: МУП Србија

-И кога се носеше законот, јас велев дека ние како луѓе не сме спремни на Балканот за ваков потфат, затоа што ако на пример, еден литар за цедено масло чини околу 10.000 евра за извоз во големите светски компании и ако тоа не биде преточено во екстракција за масло, на црниот пазар би се продало и за пет пати повеќе. Тоа немање на контрола и луѓето секогаш целат кон поголема заработувачка. Неказнивоста е исто така проблем – имаше случаи на поднесени кривични пријави кои завршуваат со небулозни обвиненија. Нормално е секој следен како и тој нема да биде казнет и ќе има голем профит. Тоа е главниот проблем кај нас, потенцира Пивоваров.

На прашањето зошто нема осомничени и притворени за заплената од фирмите, соговорникот посочува дека е прашање за милион долари.

-Од моето лично 40-годишно искуство, ако би ја водел истрагата, ќе имаше осомничени и приведени за не повеќе од 12 часа. Ви требаат не повеќе од една минута за во системот да ги проверите сите влезови и излези, а треба да знаете дека нашите и српските камери на граничните премини „Табановце“ и „Прешево“ имаат преку 60 камери. Невозможно е да не се документира што се случува. Финтата е секогаш иста – не се декларира при извоз дека тоа е марихуана, туку дека е некој продукт кој има друг тарифен модел. Некој државен службеник кој што замолчел односно ставил печат на документите дека не е тоа што го гледа – тоа се вика корупција. Секако дека за вакви количини има поголема скала на одредени, подредени, надредени…Истрагата досега требаше да заврши и се да се знаеше ако сме сериозна држава. Може некој да не гледа како земја која се занимава со производство на марихуана, вели професорот и додава дека доколку не се дигнеше фама во српските медиуми и не беше објавата за потеклото на марихуаната од Македонија во Србија, „бизнисот“ ќе тераше како досега.

-Не можам да сфатам кога нашите власти и српските власти велат дека блиско соработуваат обвинителите. Ако соработувате, вистински соработувајте и приберете заеднички материјални докази. Основно е од тие милион ќеси кои се најдоа таму, на нив има милион отпечатоци на ДНК. Доколку тие ДНК профили беа доставени до наша страна, секако во МВР има осомничени и ќе се споредеше ДНК и ќе имаше директен доказ од каде ќе почнеше истрагата. Зачудува што нивниот министер не кажува кога и како поминал тој камион. Ако кажеше, кај нас ќе имавме ситуација што како и се ќе видеше. Замислете имаме 60 камери. Веќе ќе имаше осомничени и кривични пријави. За жал, кај нас секое чудо за три дена. Веќе не се спомнува проблемот и се завршува приказната, наведува Пивоваров.

Според него, кога министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски најави дека ќе спроведат акција и контрола во компаниите кои одгледуваат, професорот укажува дека тоа треба да се прави со најголем степен на тајност, а не да кажуваме однапред дека ќе се спроведе акција.

-Тие ќе имаат време да ги средат магацините, да средат документација и нема да се постигне реалната ефикасност што треба да се постигне со таква акција, заклучува поранешниот национален координатор за гранично управување.

Фото: Фејсбук/Панче Тошковски

Министерот за здравство, Азир Алиу денеска соопшти дека почнаа контролите на сите фирми за производство на медицински канабис. Како што рече на прес-конференција, ќе мора да се проверуваат 43 лиценци.

Донесена е, потсети Алиу, и владина одлука за именување членови на меѓуресорската комисија.

– Од денеска почнуваат вонредните контроли заедно со МВР. Најверојатно, додека трае оваа прес-конференција, колегите се на терен. Ќе мора да се проверуваат 43 лиценци за производство на медицински канабис. Завчера на владина седница се донесе одлука за именување членови на Меѓуресорската комисија. Човек од Министерството за здравство (МЗ) ќе раководи со неа. Била креирана во 2017 година, а не најдовме ниту еден извештај од нејзината работа иако е една од клучните за да имаме увид што се случува во однос на производството на канабис за медициснки цели, истакна министерот.

Алиу објасни дека засега има две комисии, едната составена од Министерството за здравство, која работи во континуитет, и уште една – меѓуресорска.

-Едната комисија ја креира МЗ, брои пет члена – двајца од Министерството, еден од Институтот за јавно здравје, еден од МАЛМЕД и еден од МЗШВ, а надлежна е за две работи – да ги анализира административните процедури и да дава согласност за лиценци. Оваа Комисија си работи во континуитет и имаме информација колку предмети се архивирани. Другата е меѓуресорската, со многу пошироки ингеренции, која ги анализира политиките за овој тип процеси. Меѓуресорската е според Законот за Влада и мислам дека има 13 члена. Креирана е во 2017 година, била активна од тогаш, но нема ниту еден извештај, нема активности кои укажуваат на некој пропуст – системски или од аспект на инфраструктура. Во однос на правилниците, има два, еден стар и уште еден. Нашите експерти од Министерството за здравство и двајца универзитетски професори ги анализираа. По анализите, ако има потреба, ќе излеземе со постапка за правилниците, истакна министерот.

Пред шест години, поранешниот претседател на Владата, Зоран Заев, овој бизнис го најавуваше како сериозен економски потенцијал – со добро платени работни места и годишен приход од 250 милиони евра.

„Со носењето на измените и дополнувањата на законот за опојни дроги ќе се овозможи извоз на цвет од канабис за медицински цели кои ќе поттикнат нови инвестиции и развој и нови работни места. Ако тоа го направиме до крајот на оваа година, следната година очекуваме повеќе од 250 милиони евра производство на канабис за медицински цели“, изјави Заев во 2021 година.

Но, инвестицијата не ги достигна предвидените очекувања. Демократскиот сојуз на Македонија бара Собранието по скратена постапка да донесе измени на Законот со кој ќе се забрани производство на канабис за медицински цели. Од Министерството за здравство и другите надлежни институции да објават колку канабис е произведен, каде завршил и колку профит е остварен.

Н.П.