Северна Кореја соопшти дека внимателно разгледува план за напад врз островот Гуам, американска територија во Тихиот океан. Пјонгјанг тврди дека планот ќе биде спроведен во целост, бидејќи е таква одлуката на лидерот Ким Јонг Ун. Ваквата реторика ги вознемири жителите на Гуам.

Ескалираат тензиите меѓу Северна Кореја и Вашингтон. Американскиот претседател го предупреди Пјонгјанг дека ќе се соочи со оган и гнев какви што светот не видел досега. Мораме да бидеме остри и решителни – порача Трамп.
„Ако се упатува закана кон Северна кореја, важно е и да се има план за остварување на заканата. Ние навистина не сме во фаза кога кој било би сакал да тргне по патот што го предложи претседателот во поглед на непромислено отпочнување конфликт, без претходно исцрпувањена сите достапни опции за справување со овој предизвик“, изјави Скот Снајдер, Американски Совет за надворешни односи.
И Северна Кореја се закани. Земјата соопшти дека внимателно разгледува план за напад врз островот Гуам, американска територија во Тихиот океан. Пјонгјанг тврди дека планот ќе биде спроведен во целост, бидејќи е таква одлуката на лидерот Ким Јонг Ун. Ваквата реторика ги вознемири жителите на Гуам.
„Мислам дека ситуацијата со Северна Кореја излегува од контрола. Досега многу им се попушташе и мислам дека одговорот на претседателот Трамп е доволно јасен“.
„Ако САД велат дека ова е последно предупредување до Северна Кореја тоа треба и да биде така, бидејќи ситуацијата ќе продолжи да ескалира“.
„Ова утро, прво нешто што ми падна на памет е каде е моето семејство. Сакам да имаме план ако нешто се случи, каде да се сретнеме ако сме разделени“- велат жители на Гуам.
Гувернерот на Гуам излезе со смирувачки пораки. Вели- нема место за паника.
„Сакам јасно да и соопштам на јавноста дека нема промена во нивото на закана кон Гуам. Многу работи се речени, но сакам на жителите да им соопштам дека ова не е време за паника. Ова се само изјави од еден воинствен лидер на Северна Кореја, но силите на САД се подготврени да ги заштитат и одбранат американските интереси во регионот“, изјави Еди Калво, гувернер на Гуам.
Во меѓувреме, американските разузнавачи истражуваат дали Пјонгјанг успеал да произведе минијатурна боева глава што може да се стави на ракета- пренесе „Вашингтон пост“.
Тензиите во регионот се значително зголемени поради балистичките проби на Северна Кореја. Јапонија и САД повторно одржаа заеднички воени вежби во близина на Полуостровот, а слични маневри имаше и со Јужна Кореја.
Советот за безбедност на Обединетите нации пред неколку дена воведе нови санкции кон Пјонгјанг.