Планот на Макрон за Европа: преродба против реалност

од Vladimir Zorba
87 прегледи

Eмануел Макрон не може да биде обвинет за недостаток на идеи. Колку од нив сепак можат да се претворат во реалност? Францускиот претседател ја претстави својата визија за ЕУ ​​во писмо објавено во сите земји членки во понеделникот вечер. Тој повика на „европска обнова“ и предложи низа нови политики и институции кои ги применуваат. Макрон освен тоа инсистираше за спроведување на конференција за осмислување на европскиот политички проект, велејќи дека дури и промените во договорите на ЕУ не треба да се табу.

Да се ​​зборува е лесно. Како сепак безброј национални лидери пред Макрон установиле, дека да се натера ЕУ да го смени курсот е најтешкиот дел. „Политико“ претставува анализа на клучните предлози на францускиот претседател и на тоа каква шанса за успех имаат тие.

Трговија

Што сака Макрон: Во написот на Макрон има широко поле за интерпретации, но трговијата е областа во која неговие предлози претставуваат најрадикална промена во однос на состојбата на статус кво. Тие во голема мера соодветствуваат на неодамнешните француско-германски обиди да се преиспита пристапот на ЕУ кон конкуренцијата и трговската политика. Макрон инсистира на „европски параметри„ во јавните набавки и вели дека ЕУ треба да „положи нови основи на трговската политика: да наметнуваме санкции или да забраниме во Европа претпријатија кои вршат злоупотреба спрема нашите стратешки интереси и вредности, како еколошки стандарди, заштита на податоци или праведно плаќање на даноци“.

Што мисли ЕУ: „Европски параметри“ звучи многу како законот „купувај европско“, за кој Макрон настојуваше во предизборната програма. Дури и француски официјални лица признаваат дека овој тип протекционистичка мерка нема шанси за успех во Брисел.

Еден пореален пристап за кој Франција веќе инсистирала би бил „реципроцитет“ во јавните набавки. Тоа би значело дека владите во ЕУ не треба да купуваат стоки и услуги од држави кои не се отворени за европски компании. Идејата доби поддршка, вклучувајќи во неодамнешната индустриска стратегија на Германија. Има и старо предлог на Европската комисија во таа смисла што може да биде предоговори меѓу земјите членки по евроизборите.

За земањето предвид на „основните вредности“ на ЕУ во трговијата, Макрон има мал проблем – кога беше кажано дека стратешката за Франција оружје индустрија не треба да извезува за Саудиска Арабија, тој ја опиша забраната за извоз како „чиста демагогија“.

Конкуренција

Што сака Макрон: „Треба да ја реформираме политиката за конкуренција“, пишува Макрон. Повикот има траги од француско-германскиот предлог од минатиот месец, кое дојде откако Европската комисија го блокираше спојувањето на железничкиот бизнис на германскиот концерн „Siemens“ и француската група „Alstom“ со образложение дека компаниите не успеале да ги смират „сериозните“ грижи поврзани со конкуренцијата. И двете страни инсистираа на тоа дека е потребна реформа на сегашните правила на ЕУ, која ќе им овозможи на европските компании да станат светски играчи. Ова бара редефинирање на начинот на кој Еврокомисијата проценува обединување, главно за да се земе предвид во поголема мера конкуренцијата на светско ниво. Друг важен столб на стратегијата би дозволил повеќе државна помош.

Што мисли ЕУ: Во моментов ЕУ не дозволува на земјите членки да даваат на компаниите специјални предности. Неколку исклучоци сепак дозволуваат тоа правило да се одбегне, вклучувајќи ја скорешната рамка за заеднички научни и иновативни проекти од европски интерес. Франција и Германија рекоа дека тоа е „корисна“, но „многу сложена“ алатка и повикаа за ревизија на условите.

Одговарајќи пошироко на француско-германските апели, комесарот за конкуренција Маргрете Вестагер ги заштити постоечките алатки, вклучувајќи проектите од европски интерес и правилата за државна помош со цел избегнување на даночно затајување. Но во услови на растечки протекционизам во светот, има потенцијал за предлозите на Франција и Германија.

Технологија

Што сака Макрон: Убави нешта. Францускиот претседател повика за „европски надзор“ на големите дигитални платформи, вклучувајќи „забрзана на санкционирање на прекршоците на конкуренцијата, транспарентност на нивните алгоритми“, како и за повеќе средства за иновации. Тој, исто така сака „европска агенција за заштита на демократиите“, која им помага на земјите да се бранат од „сајбер напади и манипулации“, како и да „избрка од интернет, преку европски правила, секое изразување на омраза и насилство“.

Што мисли ЕУ: Веќе многу нешта во овој поглед се направени. Постои „европски надзор на големите дигитални платформи“, како и европска Опсерваторија на економијата на онлајн платформите, иако во моментов нема специфичен фокус врз транспарентноста на алгоритмите (насоките во овој поглед ќе се задача на следната Европска комисија).

За сајбер безбедноста и одбраната, ЕУ има акционен план за да ги направи платформите побезбедни. Комисијата, исто така, работи со државни службеници и спроведува стрес-тестови за системите за гласање. За говорот на омраза и заштитата на демократиите постојат доброволни кодекси за однесување за ЕУ, но блокот има мала желба да се придвижи кон регулацијата.

Буџет

Што сака Макрон: Францускиот претседател повикува за финансирање на „иновации, обезбедувајќи на Новиот европски совет за иновации буџет, споредлив со буџетот на САД, за да застане на чело на секој технолошки пробив како вештачка интелигенција“. Освен европска агенција за заштита на демократиите, тој сака и „Европска банка за климата, за финансирање на еколошката транзиција“, „европска санитарна сила за зајакнување на контролата врз храната“ и „европски совет за внатрешна безбедност“. Сепак, не се споменува како тие можат да бидат финансирани во неговите големи планови.

Што мисли ЕУ: Европската комисија предложи зголемување на трошоците за истражување во следниот повеќегодишен буџет на ЕУ за периодот од 2021 до 2027 година. Нејзиниот предлог исто така вклучува средства за клима и животна средина, како и програми за финансирање на управувањето со границите.

Евентуално зголемување на европското финансирање за поддршка на било која од големите идеи на Макрон сепак во голема мера ќе зависи од желбата на нето донатори – богати земји како Германија, Франција и Холандија, кои даваат најмногу пари за буџетот на ЕУ. Во моментов, група земји, вклучувајќи ги и Холандија, Данска и Шведска, се противат на повиците за зголемување на националните придонеси во буџетот на ЕУ по „Брегзит“. Без финансирање од ЕУ, многу идеи на Макрон се соочуваат со неизвесна иднина. Буџетот на блокот бара едногласна согласност меѓу сите земји-членки.

Земјоделство

Што сака Макрон: Тој инсистира на намалување на половина на пестицидите до 2025 година и нуди да се создаде европски орган за безбедност на храната, чија работа ќе биде подобрување на контролата на храната, да се спротивстави на заканата која доаѓа од силни лоби организации и за поддршка на независни научни проценки на еколошки и здравствени супстанции.

Што мисли ЕУ: Прекинувањето на употребата на пестициди до 2025 година веќе е политика на француската влада, но француските земјоделци се лути затоа што сметаат дека има многу малку алтернативни решенија. Во моментов нема предлог за европско законодавство со слична цел. Сепак, Брисел е во последната фаза во реформирањето на т.н. Закон за храна, според кој на Европската агенција за безбедност на храната ќе им биде дадена поголема моќ да спроведуваат сопствени тестови за безбедност на производи за пестициди. Според „Политико“, намалувањето на употребата на пестициди за 50% за шест години е малку веројатно, дури и за Франција, да не зборуваме за цела Европа.

Животна средина

Што сака Макрон: Францускиот претседател ја повикува ЕУ да се стреми кон нулта емисии на јаглерод до 2050 година. Исто така, сугерира дека Европската климатска банка ќе ја финансира транзицијата. Другите идеи на Макрон вклучуваат казни за бизниси кои ги компромитираат еколошките стандарди.

Што мисли ЕУ: Стремежот на Макрон кон јаглеродна неутралност е во согласност со долгорочната визија за климата на Европската комисија. Меѓутоа, таа повикува на „климатски-неутрална“ ЕУ до 2050 година, и тоа ги вклучува сите стакленички гасови, а не само јаглероден диоксид. Сепак, Макрон е еден од ретките државници кои ја поддржуваат оваа цел. Неодамнешните разговори меѓу министрите доведоа до судир помеѓу земјите кои бараат брзо и длабоко намалување на емисиите на јаглерод и оние кои се загрижени за конкурентноста и работните места.

Во однос на Европската климатска банка, не е јасно што точно има предвид Макрон и како таа би можела да се финансира и да биде различна од Европската инвестициска банка, која веќе е најголемиот кредитор на климатски проекти во светот. Идејата за казни за трговци, кои не се усогласуваат со правилата, не е применлива во пракса и не одговара на широка поддршка.

Миграција и безбедност

Што сака Макрон: „Гранична полиција и европска служба за азил“ и Европски совет за домашна безбедност. Друго во листата на желби: „Договорот за одбрана и безбедност мора да ги одреди нашите неопходни обврски во врска со НАТО и нашите европски сојузници“, како и зголемување на трошоците за одбраната. Тој, исто така, сака „Европски совет за безбедност да се поврзе со Обединетото Кралство со цел подготвка на нашите колективни одлуки“.

Што мисли ЕУ: Многу од овие предлози се „музика за ушите“ на Комисијата, но некои земји-членки не се согласуваат. Европската комисија повикува на заедничка гранична сила, посилна ЕУ служба за азил и усогласување на правилата за азил во Унијата. Меѓутоа, некои влади силно се противат на идејата да се откажат од моќта за своите овластувања, како што е определување кој може да влезе во нивните земји.

За договорот за одбрана и безбедност, клучното прашање е дали буџетот на ЕУ може да се користи за воени операции, нешто што е забрането во договорите на ЕУ.

Еврото

Што сака Макрон: Францускиот претседател, поранешен банкар и министер за финансии, ја направи реформата на еврозоната еден од неговите приоритети. Сепак, неговата статија има само ограничен коментар за заедничката европска валута. „Како можеме да издржиме криза на финансискиот капитализам без еврото, кое е сила за целата заедница?“ прашува Макрон.

Францускиот претседател изгледа дека одлучил дека ова не е место за да се притиска повеќе, особено во контекст на тековните тешки преговори за идниот буџет на еврозоната. Написот е за туркање на блокот надвор од прашањата кои ги решаваат финансиските ресурси. „Европа не е само пазар, тоа е проект“, вели Макрон.

Што мисли ЕУ: Властите и владите во ЕУ би биле благодарни што Макрон не ги продлабочи своите проблеми. Тие имаат доволно работа на тековните разговори за теми како што се буџетот, завршувањето на банкарската унија и слично.