ПЛАТИНЕСТ ЈУБИЛЕЈ НА КРАЛИЦАТА: Елизабета Втора слави 70 години на тронот

од Stefanija Kuzmanovska

Свеченостите во чест на кралицата започнаа со прикажување на британските воени традиции, со сцени од времето кога се водеа битки со коњи и топови, па сè до модерното доба на млазните авиони.

Таа во писмена порака им се заблагодари на граѓаните во Велика Британија и ширум Комонвелтот кои учествуваа во организирањето на прославите.

„Знам дека ќе останат многу среќни спомени од оваа прослава. Сè уште сум инспирирана од добрата волја што ми се покажа и се надевам дека наредните денови ќе ми дадат можност да размислам за сето она што е постигнато во последните 70 години, додека со доверба и ентузијазам гледаме на иднината“, напиша кралицата Елизабета Втора, пренесува АП.

Се очекува кралицата да им се придружи на членовите на своето семејство на балконот на Бакингемската палата на крајот на настанот, кога е планиран аеромитинг на кој ќе учествуваат 70 авиони.

Според протоколот, кралицата треба двапати да излезе на балконот на Бакингемската палата, но принцот Чарлс ќе има клучна улога за време на настанот, бидејќи ќе ги прифати поздравите на војниците во име на неговата мајка.

Војвотката од Корнвол Камила, војвотката од Кембриџ Кејт, грофот и грофицата од Весекс, принцот Едвард и Софија и нивните деца, војводата и војвотката од Глостер и вицеадмиралот Сер Тим Лоренс отпатуваа со кочии до Парадата на гардата на коњите, церемонијална парада во паркот Сент Џејмс.

Војводата и војвотката од Сасекс, принцот Хари и Меган Маркл, ќе им се придружат на другите членови на кралското семејство за да го гледаат спектаклот, а тие пристигнаа од нивниот дом во Калифорнија за да учествуваат во прославата, јавува АП.

Многу светски лидери ѝ го честитаа јубилејот на кралицата Елизабета. Јубилејот ќе биде одбележан со четиридневен празничен викенд. Прославата на владеењето на Елизабета вклучува служба за благодарност во петок во катедралата Свети Павле во Лондон, концерт во Бакингемската палата во сабота и церемонија на која присуствуваат илјадници изведувачи од училишта и општествени групи ширум земјата во недела попладне.

96-годишната кралица е британскиот монарх кој најдолго владеел и прва помина седум децении на тронот.

Сепак, првиот ден имаше инциденти на воената парада во Лондон. Најмалку две лица истрчале пред војниците кои марширале, по што биле уапсени, наведува „Ројтерс“.

Двајцата мажи истрчале зад бариерата на булеварот Мол, кој води до Бакингемската палата, и легнале пред оркестарот, покажуваат телевизиските снимки. Полицијата ги уапсила двајцата мажи, од кои едниот носел златна круна на главата, јавува „Ројтерс“.

Слични содржини