Претседателот на ХДЗ, Андреј Пленковиќ најави дека многу брзо ќе се знае со кого ХДЗ ќе формира мнозинство во Собранието.
„Со некои колеги разговаравме веќе на самата изборна ноќ, денеска ги продолжуваме разговорите. Се оди добро, победниците ќе ја водат Владата на Република Хрватска и во третиот мандат“, напиша Пленковиќ на Фејсбук страницата на ХДЗ.
Тој изрази и задоволство од изборните резултати.
„Одлично е чувството, трета победа во низа и убедлива, никој пред нас не успеа да го направи тоа! Ние сме многу задоволни, уништен е „митот“ дека високата излезност не и одговара на ХДЗ“, рече тој.
Резултатите од ДИП по обработката на речиси сите избирачки места покажуваат дека ХДЗ добива 61 мандат, а „Реки на правдата“, собрани околу СДП, добиваат 42 мандати.
Движењето Татковина е трето со 14 освоени мандати, Мост добива 11, а Можеме! 10 мандати.
ИДС и Независна платформа Север освоија по два мандата, како и еден мандат на коалицијата Фокус-Република.
За парламентарно мнозинство потребни се 76 пратеници.