Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ вчера изјави дека Хрватска ќе се обиде да ги реши билатералните проблеми со соседните земји без да им го блокира патот кон Европската унија.
-Хрватска има цврст став, да се обиде да ги реши билатералните прашања, но на интелигентен начин кој не ја поставува како пречка која де факто, ако некој сака, никогаш не може да се реши, рече Пленковиќ на конференцијата посветена на десетгодишнината од влезот на Хрватска во ЕУ, на 1 јули 2013 година.
Тој рече дека „не гледа со симпатии“ кога една земја е забавена на европскиот пат поради билатерални проблеми, бидејќи и Хрватска има искуство од „изгубени неколку години“ поради нерешените прашања со Словенија, како и проблемите со Хашкиот трибунал.
-Овие ситуации на блокади се неправедни, создаваат лоша атмосфера, истакна Пленковиќ.
Тој додаде дека поради тоа Македонија е во најголем проблем и дека е „фасцинантно“ што земјите што го доживуваат тоа сè уште имаат висок ентузијазам кога станува збор за влез во ЕУ.
Пленковиќ нагласи дека руската агресија врз Украина го сменила ставот на старите членки кон проширувањето и дека сега веројатно ќе биде побрзо.
– Хрватска ќе биде принципиелна, ќе ги исполни критериумите, но силно ќе ги поддржува земјите на нивниот пат кон ЕУ, бидејќи тоа е важно за стабилноста, развојот и безбедноста, рече хрватскиот премиер и порача дека тука треба да се најде „добар баланс“ баш врз основа на искуството на Хрватска.
Претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола на конференцијата рече дека Хрватска постигнала „неверојатен успех“ во своето десетгодишно членство.
– Тоа се десет години неверојатен успех на една земја во срцето на Европа, кажа таа.