Плочата за АСНОМ којашто беше поставена во манастирот Св. Прохор Пчињски за Илинден беше од времен карактер со цел да се реализира посетата на претседателот Стево Пендаровски и државната делегација, за прв пат по повеќе години, велат од Кабинетот на Пендаровски по објавените информации во медиумите дека плочата веќе ја нема на местото на чествувањето.
„Тогаш беше договорено во најбрз можен рок да се формираат работни групи составени од претставници од двете министерства за надворешни работи, министерствата за култура, како и од други државни институции коишто ќе ги утврдат начинот и формата за прослава на 2 Август, Илинден во Св. Прохор Пчински за наредната година. Целта на таквата формализирана соработка е да се воспостави институционална форма за одбележување на празникот Илинден во манастирот Св. Прохор Пчински“, наведуваат од кабинетот на Пендаровски.
Договорот на двете делегации бил плочата да се тргне по прославата на Илинден и повторно по договор и потреба да се става.
Во Параклисот на манастирот Св.Прохор Пчински во Република Србија беше поставена спомен плочата за одржувањето на АСНОМ во овој манастир на 2 август 1944 година.
Двојазично, на македонски и српски јазик на спомен обележјето пишуваше: „На 2 август 1944 година на ова место е одржано првото заседание на Антифашистичкото собрание на Народното ослободување на Македонија, каде народните изабраници донесоа историски одлуки со кои се воспостави државноста и самобитноста на Македонскиот народ, изразувајќи ја својата определба да живеат заедно со народите на Југославија“.
Државно-црковна делегација предводена од Пендаровски, министерката за одбрана, Славјанка Петровска, пратениците во Собранието на Република Северна Македонија, Мирослав Јовановиќ и Лидија Тасевска, Кумановско-осоговскиот митрополит г. Григориј и Епископот Стобиски г. Јаков, како претставници на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, и претставници од Сојузот на борците на НОБ, положија венци пред оваа спомен плоча.