Почна постапката за изведба на новата управна зграда на Општина Аеродром, за што е објавена јавна набавка за изработка на основен проект и нејзина изградба.
-На претходно објавениот јавен конкурс на кој пристигнаа 22 идејни решенија, беше избрано решението на авторите Нина Карангелеска-Тодоровска, Марта Илиевска, Марија Треневска и Марија Грчева. Комисијата која ги оценуваше пријавените идејни решенија беше составена од проф. д-р Страхиња Трпески, членовите Дејан Чадиќ и Зоран Пауноски.
Со ова, Општина Аеродром по 16 години постоење, конечно ќе добие своја зграда. Тоа е од исклучително значење затоа што со нејзината изградба веќе нема да се плаќа висок месечен наем, а исто така и аеродромци ќе добијат пристојни услови каде што ќе можат да ги добијат сите граѓански услуги.
Зградата, покрај административниот дел, ќе содржи и мултифунционален центар за собири на граѓани каде што ќе можат да се организираат средби, венчавки и друг тип културни настани, интрегрирана подрачна единица и други простории што ќе бидат отворени за граѓаните.
Целта е зградата да биде нова препознатлива точка отворена за сите и да претставува нов дом на сите аеродромци, соопштија од општината.