По 65 години: Охрид му ја врати оградата на српското собрание

од Берта Китинска
248 прегледи

Денес во Белград, градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски, свечено му го предаде делот од поранешната ограда на Националното собрание на претседателот на Собранието на Србија, Ивица Дачиќ.

Тоа е зачуван фрагмент од оградата што бил пред парламентот од 1936 до 1956 година.

За време на примопредавањето пред Домот на Националното собрание, Дачиќ изјави дека со враќање на оградата, намерата е да се прослави годишнината од таа зграда, која започна да работи пред 85 години.

Дачиќ кажа дека Србија се интересирала за оградата уште на средбата со шефот на дипломатијата, Бујар Османи во Белград и сакале да ја добијат за одбележувањето на 85 години од првата седница на српското собрание.

„Јас им се заблагодарувам на министерот Бујар Османи, на градоначалникот на Охрид и на Амбасадата, што така бргу реагираа. Во последно време имавме низа чекори кои севкупно сочинуваат една коцка во мозаикот кои ја покажуваат вистинската слика како нашите односи треба да бидат братски и пријателски и би сакал така да останат и понатаму“,изјави Дачиќ.Градоначалникот на Охрид рече дека испораката на дел од оградата е знак на пријателство меѓу двата народа и ги покани граѓаните на Србија да го посетат Охрид.

Георгиевски потенцираше дека во Охрид ќе биде донесена одлука сите посетители од Србија да бидат ослободени од плаќање за паркинг простор во тој град.

Тој дел од оградата бил пред Собранието од 1936 до 1956 година, по што бил демонтиран и пренесен во Охрид, каде ја украсил вилата „Билјана“, каде повремено престојувал Јосип Броз Тито.

Оградата е изработена од ковано железо и е дизајнирана од архитектот Николај Краснов.