Денешното приведување на снимателот на Телевизијата 21 и на еден фоторепортер од Косово е срамен чин на македонската полиција. Моите колеги Ибрахим Махмути и Блерим Ука, шест часа беа задржани во полициска станица под изговор дека на денешното судење ги снимале судиите од предметот Диво Насеље.
На крај се испостави дека колегите не го сликале судскиот совет. Инспекторите во камерата и фотоапаратот не нашле снимка или слика од судиите.
Но, од разговорот по нивното пуштање, разбраавме дека сликањето на судскиот совет било само изговор новинарите да се испрашуваат за снимките со полицајци надвор од судската зграда.
Може ли некој од МВР да објасни, според кој закон снимателите и фоторепортерите не смеаат да снимат униформирани полициајци на јавно место?
Освен основот за задржување, спорен е и налогот. Полицијата тврдеше дека има налог од обвинител за заддржување на новинарите, но обвнителството го тврдеше спротивното. Кој во случајот ја кажува вистината? Имаше или немаше налог за заддржување на новинарите?
Полицијата мора да објасни, по кој основ ги заддржа шест часа во полициска станица нашите колеги? Кој ќе сноси одговорност за ваквото своеволно однесување на полицијата, која ќе има несогледливи последици врз слободата на говорот?
Таман помисливме дека МВР конечно го смени односот кон македонските новинари, се случи неочекувано разочарување.
Полицијата тешко ја учи лекцијата дека слободата на медиумите не може да се ограничи со арбитрарни одлуки.
Никако да свати дека правото на слобода на изразување е правило, а ограничувањето исклучок и се применува во исклучителни ситуации.
Според Европскиот суд за човекови права, ограничувањето на слободата на говорот мора да биде предвидено со закон, да е неопходно во демократско општество, а мерката мора да биде пропорционална.
Во случајот ниеден од овие предуслови не беше исполнет. Нема закон кој им забранува на новинарите да сликат полицајци на улица, немаше никаква неопходност за проиведување на новинарите, а мерката беше апслоутно непропорционална. Таа ќе има чилинг ефект врз слободата на говорот затоа што приведувањето новинари има за цел да ги заплашува и да ги дисциплинираат како известуваат.
Искрена благодарност до пријателите од ОБСЕ за помошта да се ослободат нашите колеги!
Фејсбук статус на Насер Селмани