По обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека директорот на Центарот за истражување и анализи на СДСМ, Јон Фрчковски, користел недозволени супстанци, односно како што нагласуваат од владејачката партија „шмркал кокаин“ на работното место, со реакција на социјалните медиуми се огласи и самиот Фрчковски. Тој потенцираше дека не се гордее со грешките од минатото, но истовремено соопшти дека се повлекува од функцијата во најголемата опозициска партија.
„За грешките од минатото и слабостите во младоста не се гордеам, но нема да бидат товар за СДСМ, партијата која ги разоткрива сите криминали на ДПМНЕ. Од морални причини се повлекувам од позицијата директор на Центарот за истражување и анализи на СДСМ. Фала на семејството и пријателите за поддршката во целава гнасна хајка во која ме втурнаа платениците на ДПМНЕ“, напиша Фрчковски.
Фрчковски на позицијата директор на Центарот за истражување и анализи беше од септември минатата година, кога според јавно достапните податоци, бил избран на седница на Централниот одбор на партијата.