Последно објавените алармантни податоци за пад на градежништвото од 9,1% само ги потврди состојбите од изминатите неколку години во кои овој сектор регистрира негативен тренд. Во исчекување на чекори кои треба да стават крај на низата потфрлања, Здружението за градежништво, индустријата на градежни материјали и неметалите предупредува на сите негативни последици.
Црвениот аларм го запалиле уште во средината на претходната година кога на надлежните институции им предложиле мерки за надминување на глобалната криза, посочувајќи дека нивното нереализирање ќе поттикне нов, слободен пад на секторот.
„Растот на цената на енергенсите, енормните поскапувања на цените на градежните материјали и отежнатиот пристап до суровини ги ставија во незавидна положба домашните градежни компании кои во отсуство на мерки за поддршка на градежниот сектор сами го понесоа товарот за справување со мулти кризата. Новите околности надоврзани на претходните проблеми поврзани со недостаток на квалификуван кадар, ажурно администрирање на проектите и квалитетна регулатива доведоа до значителен пад на градежништвото што се одразува и врз дваесетина други стопански гранки чиј ангажман го повлекува овој сектор“, изјави за „Локално“, Андреа Серафимовски- претседател на Здружението за градежништво, индустријата на градежни материјали и неметалите, при Стопанската комора на Северна Македонија.
Потсетувајќи дека падот во градежништвото само се надоврзува на негативните податоци од почетокот на годината, Серафимовски предупредува дека сценариото до крајот на годинава за градежниците е песимистичко, со оглед на тоа дека следи зимски период каде градежната активност е и онака намалена поради временските услови. Според него, крајот на негативните потфрлања е единствено условен од државата и чекорите коишто таа ќе ги превземе.
„Подобри денови следната година може да не очекуваат само доколку државата се фокусира на градежништвото и обезбеди поддршка на градежните компании преку интензивирање на јавно – приватниот дијалог и решавање на приоритетните прашања кои ќе овозможат поголема градежна активност. Се уште веруваме дека оваа стопанска гранка има сериозен потенцијал и може да биде движечка за раст на домашната економија, а мерките за поддршка би значеле не само спас на компаниите, туку и зачувување на работните места во дејноста кои исто така бележат намалување во изминатиот период“, категоричен е Серафимовски.
Растот на македонската економија во третиот квартал од годинава изнесува само два проценти, а најголем пад е регистриран токму кај градежништвото. Овој сектор со години наназад беше столбот кој ја “билдаше’’ македонската економија, а во неговите рамки се вработени околу 50.000 лица.
Градежните компании во последните неколку години предупредуваа дека овој сектор е еден од најпогодените во стопанството. Како особено загозена ја посочуваат нискоградбата во капиталните инвестиции бидејќи работат според договори кои имаат непроменливост на цената како клаузула во договорите. Според нив, компаниите преживуваат од денес за утре и се соочуваат со неизвесност. Оттука, како суштинска ја посочуваат потребата од подршка на државата, односно од долгорочен план за развој и заштита на градежништвото.
К.В.С.