По Пелоси и американски конгресмени пристигнаа во Тајван

од Vladimir Zorba
235 прегледи

Делегација на американски конгресмени пристигна во дводневна посета на Тајван, при што ќе се сретнат со претседателот Цаи Инг-вен. Оваа посета доаѓа само десет дена по доаѓањето на Ненси Пелоси, претседателката на Долниот дом на Конгресот, што предизвика големи тензии меѓу Пекинг, Вашингтон и Тајпеј.

Американската амбасада во Тајпеј соопшти дека делегацијата ја предводи сенаторот од Масачусетс, Ед Марки, а има уште четворица претставници.

„Делегацијата ќе се сретне со високo поставени официјални лица на Тајван за да разговараат за односите меѓу САД и Тајван, регионалната безбедност, трговијата и инвестициите, синџирите на снабдување, климатските промени и други прашања од заеднички интерес“, соопшти американската амбасада.

Во понеделник наутро тие треба да се сретнат со тајванскиот претседател Цаи Инг-вен.

„Особено во време кога Кина со воени вежби ги зголемува тензиите во Тајванскиот теснец и во регионот, делегацијата предводена од Марки во посета на Тајван уште еднаш ја покажува силната поддршка на американскиот Конгрес за Тајван“, соопштија од кабинетот на претседателот.

Марки, инаку, го предводи поткомитетот на Сенатот за меѓународни односи во Источна Азија и Пацификот и меѓународна сајбер безбедност.

Канцеларијата на Марки соопшти дека пратениците ќе го охрабрат одржувањето на мирот и стабилноста долж тајванскиот теснец.

Предвидено е и делегацијата да се сретне со избраните претставници и членовите на приватниот сектор за да разговараат за заедничките интереси, вклучително и намалување на тензиите во Теснецот и проширување на економската соработка.

Во средата кинеската војска ги заврши вежбите што беа започнати по посетата на Ненси Пелоси и најави дека ќе вршат редовни патроли и дека армијата ќе биде подготвена за евентуална борба.

Како одговор на кинеските вежби што следеа, Тајпеј распореди ракетни системи и држеше бродови во близина на средната линија на Тајванскиот теснец. Американскиот носач на авиони „Роналд Реган“ патролирал во дел од океанот што ги опфаќа водите југоисточно од Тајван.

Пекинг соопшти дека мирното обединување и „една земја, два системи“ се основните принципи за решавање на проблемот со Тајван.

Слични содржини