По повеќе од 20 часа, Собранието ја прекина расправата за решавање на спорот со Макпетрол

од Vladimir Zorba
280 прегледи

Собранието по повеќе од дваесет часа утрово ја прекина расправата по Предлог законот за решавање на спорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Макпетрол АД Скопје по пат на спогодба, по скратена постапка. Дваесеттата седница на чиј дневен ред е овој Предлог-закон ќе биде дополнително закажана.

Ова законско решение предвидува да му се признае на Макпетрол сопственост на 50 отсто од гасоводот во земјата и да му се исплати цена од 33 милиони евра.

Во текот на расправата која траше и изминатата ноќ, пратениците од опозицијата со говори, реплики и контрареплики се обидуваа да го спречат донесувањето на овој закон.

Тие сметаат дека предложеното законско решение е еден од серијата закони што ја убиваат правдата и ги прекршуваат основните начела на правото.

Според нив, не може да има закон за спор зашто тој се решава со медијација и во судовите. Не смее, нагласија, Собранието да прерасне во квази суд, бидејќи тоа е надлежно само за ратификации на договори. Повикувањето на акти од минатото од 1987 година кои можат да се искористат како искуство, е недозволиво, посочија пратениците од опозицијата, а институциите не треба да се затскриваат зад законот, туку да го решат спорот на начин каде и како што треба. Тие очекуваат претседателот да се одважи и да стави вето ако овој закон сепак биде изгласан.