По Скопје 2014, ВМРО-ДПМНЕ му приредува нова катастрофа на главниот град, велат од СДСМ

од Nikola Popovski
137 прегледи

СДСМ утрово преку соопштение повторно ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека стои позади „хаосот“ во Град Скопје.

-Не само што нема нови проекти, туку не се реализираат ниту наследените преокти кои се во поодмината фаза, а за чија реализација се обезбедени средства. Не се реконструира Универзална сала, не се довршува изградбата на мостовите во Карпош и Аеродром, нема реализација на клучката кај Момин поток, а во првата година од мандатот не е започнат ниту еден нов капитален проект, набројаа од СДСМ дел од нереализираните проекти на актуелната градска администрација.

Според партијата од „Бихаќка“, „поради неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ и нивната градоначалничка Данела Арсовска, за првпат во историјата, Скопје остана без јавен автобуски превоз“.

-ЈСП тоне во долгови, договорот со едниот приватен превозник е прекинат, а вториот приватен превозник два дена не вози затоа што не му се исплатени долговите. По Скопје 2014, ВМРО-ДПМНЕ му приредува нова катастрофа на главниот град, каде не функционираат ниту основните комунални услуги, а развој, проекти и инвестиции воопшто нема, соопштија од владеачката партија.

Градоначалничката Данела Арсовска вчера информираше дека е блокиран Буџетот на градот.

-Иако беа предупредени од страна на стручните служби на градот Скопје и тоа на комисијата за финансирање која се одржа пред седницата каде се разледуваше ребалансот на буџетот дека во оваа форма амандаманите ќе го блокираат буџетот, тие одбија да ги преработат за да бидат функционални. Оттука не може да заклучиме ништо друго освен дека Трајко Славески и советниците од ВМРО-ДПМНЕ ги исполнуваат единствено желбите на нивниот лидер Христијан Мицкоски за што директна штета трпат Скопје и скопјани, нагласи Арсовска.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Буџетот на градот е блокиран поради неспособноста на Арсовска и желбата да прави политика“.

-Арсовска е должна да каже зошто е потрошено повеќе средства од тоа што е прикажано, и зошто не ја прифати отворената понуда на поранешниот министер за финансии и актуелен претседател на Совет Трајко Славески да се состави амандман со кој ќе се изнајдат средствата кои се потребни за исполнување на амандманите. Арсовска свесно го доведе градот во ситуација на блокада за да потоа го обвини ВМРО-ДПМНЕ. Наместо да политизира нека се стави над ситуација и нека почне да решава проблеми, стои во соопштението од „Белата палата“.