Во Основниот суд во Струга денеска по трет пат беше одложено судењето за случајот со родилката Јилдиз Веапоска од Дебар, на која и беа отстранети три органи по породувањето со царски рез, против тројца лекари од Болницата во Струга.
Одлагањето, како што беше истакнато на денешното рочиште, на кое требаше да сведочи медицинска сестра на барање на обвинителството, е поради отсуство на адвокат на обвинета во случајот. Судењето е закажано за 9 мај, со образложение дека адвокатот имал хирушка интервенција.
Адвокатот на оштетената Веапоска, Сашо Јанев, смета дека неговиот колега од спротивниот табор навистина имал здравствени проблеми и оти одлагањето не е дел од неговата тактика.
– Го познавам како чесен адвокат и верувам дека навистина е на оперативен зафат. Јас му посакувам брзо оздравување. Секој адвокат има своја тактика. Искрено не верувам дека ова е дел од тактиката. Меѓутоа, сепак премногу време одминува по однос на ова судење. Очекувам дека од следното рочиште ќе се убрза целокупниот процес и ќе дојдеме до првостепена пресуда во најскор можен рок, изјави Јанев по излегувањето од судницата.
Оштетената Веапоска, смета дека постапката се одолговлекува од почетокот и оти ова одлагање е купување време, но очекува дека еден ден правдата ќе биде задоволена.
– Постапката се одолговлекува уште од самиот почеток, уште од Лекарската комора и од Министерството за здравство, па се до тука. Колку и да се одложува еден ден ќе дојде крајот, мислам дека правда треба и мора да има за овој случај, рече Веапоска.