Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис побара од францускиот производител на железничка опрема „Алстома“, одговорен за инсталирање на безбедносни системи на грчката мрежа, да ја заврши работата „што е можно поскоро“, објавија денеска атинските медиуми.
Речиси две недели по директниот судир на два воза во кој загинаа 57 лица, меѓу кои и многу млади луѓе, протестите на гневните граѓани и железничките работници се речиси секојдневни, возовите во Грција сè уште се во застој, а владата вети дека сообраќајот може да продолжи до крајот на месецот.
„Премиерот веќе комуницираше со извршниот директор на „Алстома“ за да може да се заврши работата на далечинско управување што е можно поскоро“, рече владиниот портпарол Јанис Оиконому на брифинг со новинарите во понеделникот.
Договори за модернизација на системи за далечинско управување со возови, кои овозможуваат управување со железничкиот сообраќај со помош на компјутери, беа потпишани во неколку наврати пред неколку години помеѓу „Алстома“ и ОСЕ, јавното тело одговорно за инфраструктурата на железничката мрежа.
Железничката несреќа вечерта на 28 февруари, најтешката во историјата Грција, во голема мера беше припишана на „грешка“ на шефот на станицата во Лариса, градот најблиску до местото на несреќата. Против него е поднесена кривична пријава и одредена му е мерка притвор.
„Но, несреќата откри и „хронична патологија на пропуст или рамнодушност од страна на ОСЕ“, призна Јанис Оиконому.
Експертите, медиумите и синдикалците на ОСЕ ги обвинуваат неодамнешните влади, особено Киријакос Мицотакис, кој е на власт речиси четири години, дека занемаруваат да ја модернизираат железничката мрежа.
Меѓу причините за оваа катастрофа се дисфункционалноста на државата ослабена за време на финансиската криза бидејќи отпуштањата и намалувањата на платите го погодија јавниот сектор под драстични мерки за штедење диктирани од кредиторите на Грција.