Побаран притвор за две лица кои учествувале на протестот за „Монструм“

од Vladimir Zorba
207 прегледи

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против две лица за кривично дело – Учество во толпа која ќе изврши кривично дело согласно член 385 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Осомничените, на возраст од 22 и 19 години, учествувале на вчерашниот јавен собир на граѓани во Скопје – протест за пресудата во предметот „Монструм“. По завршувањето на говорот на организаторот на протестот, осомничените и повеќе други лица започнале заеднички да дејствуваат кон полициските службеници, фрлајќи со камења, бекатон плочки, метални шипки и други предмети, во обид да го пробијат полицискиот кордон. Како резултат на ова, со тешки телесни повреди се здобил новинар присутен на местото на настанот, а повредени биле и 11 полициски службеници.

Бидејќи постојат околности кои упатуваат дека осомничените би можеле да се дадат во бегство или да го повторат делото, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени.

Откако Министерството за внатрешни работи ќе ги комплетира кривичните пријави и за други лица кои извршиле насилнички дејствија за време на протестот, Основното јавно обвинителство Скопје и за нив ќе поведе кривична постапка.

Слични содржини