Асоцијацијата за цистична фиброза информира дека пациентот Благојче Илиевски починал после долгата битка со болеста.
-Денеска изгубивме еден свој соборец, кој до последен здив веруваше дека ќе ја дочека новата терапија со Трикафта, надеж која заедно со него ја крепевме со последните атоми, стотина пациенти во државата, главно деца и млади со ЦФ, потенцираат од таму.
Од АЦФ го искажаа својот револт, поради лекот „трикафта“ кој им е потребен на пациентите со оваа болест.
-Заради ова, нашиот револт, огорченост и потресеност се исклучително големи, особено затоа што како АЦФ лекот го бараме од 2020 г. и апелиравме постојано за итноста од воведување современа модулаторна терапија. Испраќаме длабоко сочувство до семејството, нема соодветни зборови за да ги утешиме, зашто Благојче се храбреше и не храбреше во напорите дека ќе го добиеме лекот Трикафта, а тој не го дочека, а за време на својот краток живот веруваше дека новата терапија ќе стигне на време, за да почне да живее понормално, за да може да биде присутен во животот на своите најблиски, посочија од АЦФ.