Кабинетот на Пендаровски за „Локално“: Запрепастува фактот колку Ковачки е неписмен

од Nikola Popovski

Запрепастува фактот колку овој пратеник, кој е дел од македонскиот Парламент, е неписмен, велат од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски за „Локално“ откако пратеникот Драган Ковачки денеска побара оставка од претседателот после смртта на пациентот со цистична фибриоза, Благојче Илиевски.

Од Кабинетот се изненадени од „незнаењето“ на Ковачки.

-Неверојатно е дека тоа лице кое е платено од граѓаните да ги застапува нивните интереси бара оставка од претседателот затоа што не набавил лек за цистична фиброза, а не знае дека Владата, односно Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување се надлежни за набавка на лековите кои болните од оваа категорија одамна ги заслужуваат, додаваат во изјавата од Кабинетот на Пендаровски.

Ковачки денеска обвини дека Пендаровски лично му ветил помош на Илиевски, прикажувајќи фотографија од претседателот со починатиот Илиевски.

-Ова е фотографија од вест објавена на 15 јуни 2021 година, од Стево Пендаровски со сега веќе починатиот наш сограѓанин Благојче Илиевски, на кого тој му вети помош и лична заложба, но 2 години ништо не направи. Соопштението од страна на претседателскиот кабинет по средбата на Пендаровски со Здружението на болни од цистична фиброза, уште стои на веб страната на оваа институција, но заложбите на Пендаровски останаа само ветување и злоупотреба на случајот на 130 наши сограѓани во политички цели. Големата желба за лична промоција, како и отсуството на одговорност кај претседателот на државата Стево Пендаровски, не им помогна на луѓето што бараа негова помош, иако истата тој им ја вети, рече Ковачки на прес-конференција.

Илиевски почина вчера чекајќи го лекот „трикафта“. Во државата има околу 130 пациенти со цистична фиброза кои изминатиот период протестираа за државата да им го обезбеди лекот.

Н.П.

Слични содржини