Не можат да си ги дозволат секојдневните потреби: Бројот на Австријци кои живеат во сиромаштија се зголеми за 50 отсто

од Симе Стоиков

Бројот на Австријците во апсолутна сиромаштија се зголемил за повеќе од 50 отсто, од 201.000 во 2022 година на 336.000 лани, објави во четвртокот Државниот завод за статистика, пренесува „Анадоли“.

Во однос на бројот на жители, ова претставува зголемување од 2,3 отсто во 2022 година на 3,7 отсто во 2023 година, што е најголем број во последните пет години.Според бројките презентирани од австриската статистика, погодените луѓе не можеле да си дозволат многу секојдневни работи како кирија, греење или храна.

Децата и младите се релативно почесто погодени од сиромаштија отколку возрасните. Околу 5,3 отсто од луѓето на возраст под 18 години (88.000 луѓе) биле значително финансиски и социјално загрозени. Спротивно на тоа, 1,9 отсто од оние над 65 години (30.000 луѓе) се погодени.

Според австриските статистики, ризикот од сиромаштија остана во голема мера стабилен и покрај високата инфлација. Процентот на ранливи лица се зголеми за 0,1 процентен поен на 14,9 отсто или околу 1,3 милиони луѓе во Австрија.41 отсто од самохраните родители и 31 отсто од семејствата со најмалку три деца се изложени на ризик од сиромаштија. Според податоците, процентот на жители во ризик од сиромаштија би бил дури 42 отсто без државните социјални бенефиции.

„Зголемувањето на цените на храната, киријата и енергијата ја влоши состојбата на луѓето кои живеат во сиромаштија“, изјави австрискиот министер за социјални работи Јоханес Рауч за австриската прес-служба „ОТС“, додавајќи дека тоа е срамно за земја како Австрија.

Министерот го оцени како загрижувачки растот на детската сиромаштија во Австрија.

„За мене е целосно неприфатливо децата да растат во сиромаштија“, посочи тој.

Податоците доаѓаат од истражувањето на околу 6.000 австриски домаќинства како дел од годишното истражување на ЕУ-Силц, пренесува „Феникс-Магазин“.

Слични содржини