Австрискиот претседател во Сараево: „Војните го дестабилизираат светот, мора да се запрат“

Австрискиот претседател Александар Ван дер Белен оцени во вторник во Сараево дека војните што во моментов се водат ширум светот сериозно ја загрозуваат стабилноста и повика на нивно што поскоро завршување

од Кристијан Димков
11 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/N1 BiH

Ван дер Белен (82), претседател на Австрија од 2017 година, престојуваше во прва официјална посета на Босна и Херцеговина во таа функција. По средбата со членовите на Претседателството, тој им изјави на новинарите дека состојбата во светот е загрижувачка и несигурна, при што особено ја истакна војната што Русија ја води против Украина.

„Тоа е, според мое мислење, колонијална војна која припаѓа на 18 век и мора да биде завршена, како и војната во Иран која го дестабилизира целиот Блиски Исток и предизвикува големи нарушувања во снабдувањето со енергенси“, изјави Ван дер Белен, предупредувајќи дека последиците силно се чувствуваат и во Европа, на пример на бензинските пумпи.

Тој истакна дека во такви околности Австрија прави сè што може за да се одржи стабилноста во регионот, па така го потврди и продолжувањето на учеството на австриските војници во мисијата ЕУФОР во БиХ.

Рече дека Австрија силно ја поддржува и улогата на високиот претставник во БиХ.

„Според мое мислење, оваа позиција сè уште е потребна. Воведена е од оправдани причини“, рече тој. Ван дер Белен додаде дека е свесен дека постојат и поинакви мислења, а позицијата на САД, односно на актуелната администрација на Доналд Трамп, во ова прашање не е целосно јасна.

Тој ги повика политичарите во БиХ да покажат одговорност и да ги спроведат реформите неопходни за напредок кон членство во Европската Унија, што го гледа како гаранција за стабилност и напредок.

Порача дека компромисите и договорите не се лесни за постигнување, но дека друг пат нема.

Претседавачот на Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ, изјави дека двете држави имаат силни и добри односи, што вклучува и соработка на мултилатерален план. Тој истакна дека БиХ никогаш нема да ја заборави австриската хуманитарна помош за време на војната од 1992 до 1995 година, кога Австрија прими голем број бегалци од БиХ.

Тој потсети дека по војната Австрија директно инвестирала речиси милијарда и пол евра во БиХ, што овозможило отворање на повеќе од осум илјади работни места.

Најави дека БиХ ќе ја поддржи кандидатурата на Австрија за непостојана членка на Советот за безбедност на ОН, а очекува дека Виена со своето влијание и глас во европските престолнини ќе обезбеди нов поттик за побрзо приклучување на БиХ кон Европската Унија.

„Многу ни е важна принципиелната поддршка на Австрија за територијалниот интегритет и суверенитет на БиХ“, заклучи Беќировиќ.