Силјановска пред Османи: Како гласаше македонската дијаспора?

од Nikola Popovski

Објавени се официјалните резултати на Државната изборна комисија од првиот круг од претседателските избори. Ако го земеме во предвид само гласањето на дијаспората, резултатите покажуваат исто така убедливо водство на кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова со 369 гласа, додека на втората позиција се најде кандидатот на ДУИ, Бујар Османи. Актуелниот претседател Стево Пендаровски освои 175 гласови од дијаспората.

Од 2569 избирачи, 158 гласале за кандидатката на Левица, Билјана Ванковска Цветковска, 66 му ја дале довербата на Максим Димитриевски од Движењето ЗНАМ, 37 гласачи заокружиле за Арбен Таравари од здружената албанска опозиција и последен на листата е Стевчо Јакимовски од ГРОМ со 18 добиени гласови.

Силјановска-Давкова победила пред останатите претседателски кандидати во Виена, Њујорк, Софија, Венеција, Бон, Стокхолм, Детроит, Хаг, Чикаго, Лондон, Љубљана и Прага.

Османи победил во Берлин, Минхен и Торонто. Пендаровски, пак, победил во Пекинг и Вашингтон.

Интересно од гласањето во Љубљана е тоа што „изборната битка“ се водела меѓу двете жени кандидати. Тука Силјановска Давкова освоила 52 гласа, а Ванковска 34.

На денот на изборите, кандидатот Стевче Јакимовски упати критика за гласањето во дијаспората бидејќи таму, како што посочи е работен ден и граѓаните имале проблем да излезат од работа.

Вкупната излезност била 49.93 насто. Од обработени 100 проценти од гласачките ливчиња, најмногу гласови освои Силјановска-Давкова вкупно 363 илјади 86 или 40,08 насто од гласовите, пред Пендаровски со 180 илјади и 500 или 19,92% проценти од гласовите.

Слични содржини