Почина двегодишното дете кое беше повредено во главата од метален фрагмент

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски вчера информира дека станува збор за метален фрагмент и дека засега не може со сигурност детално да специфицираат од каде потекнува раната

од Nikola Popovski
84 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Почина двегодишното дете кое на новогодишната ноќ било примено со метален фрагмент во главата, информираат од Министерството за внатрешни работи. Основното јавно обвинителство наредило обдукција на телото на детето.

Детето најпрвин било згрижено во Градската болница, а поради сериозноста на повредите било префрлено на Клиниката за детска хирургија. Лекарите констатирале крварење во мозокот, при што биле зафатени сите мозочни комори. Детето било во тешка и животозагрозувачка состојба и под постојан медицински надзор.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски вчера информира дека станува збор за метален фрагмент и дека засега не може со сигурност детално да специфицираат од каде потекнувала раната, но штом има информација, ќе биде споделено со јавноста.

-Има повеќе теории како е повредено детенцето. Штом точно ги утврдиме причините за оваа тешка телесна повреда, ќе ја информираме јавноста, кажа Тошковски пред полициската станица „Беко“.

Во текот на новогодишната ноќ, седум лице беа повредени од петарди, тројца потешко повредени во сообраќајки, а 31 пациент прекумерно конзумирал алкохол. Во текот на новогодишната ноќ, полицијата привела 49 лица за трговија со дрога и нарушувања на јавниот ред и мир.