Мирослав Блажевиќ ја загуби битката со тешката болест и починал ден пред да го прослави 88. роденден, јавува „Вечерњи лист“.
Легендарниот хрватски тренер долго време се бореше со ракот, отворено зборуваше за проблемите кои ги има поради оваа болест, а сега фудбалската јавност во регионот се збогува со една од најхаризматичните појави на фудбалската сцена.
Блажевиќ во фудбалската кариера го носел дресот на Динамо, Локомотива, Сараево, Риека и Сион, а во Швајцарија ја започнува и многу поуспешната тренерска кариера.
По враќањето во тогашна Југославија, Блажевиќ најголемиот успех го постигнува со Динамо, на кого му ја донесе шампионската титула во 1982 година, прва по пауза од 24 години.
Во 1998 година Хрватска го освои третото место на Светското првенство во Франција, а селектор беше токму Блажевиќ, што ќе остане еден од најголемите успеси на „коцкестите“.
– Успехот со Динамо е неповторлив и дефинитивно врв на мојата кариера. Секоја чест на бронзата во Франција, но титулата со Динамо е круна на се што направив како тренер, – изјавуваше Блажевиќ.