Починаа околу 10.000 затвореници во Украина кои ги регрутираше готвачот на Путин

од Nikola Popovski

Околу 10.000 од 50.000 регрутирани затвореници во руските затвори загинале во Украина, каде што биле на фронтот во крвавата битка за Бахмут, признал водачот и основач на таа платеничка група Евгениј Пригожин.

„Избрав 50.000 затвореници, од кои 20 отсто починаа“, рече Пригожин во интервјуто објавено во вторникот вечерта од блогер близок до Кремљ, Константин Долгов.

Тој, исто така, рече дека сличен дел од професионалните војници загинале во борбите, без да го прецизира нивниот број.

Според него, украинските загуби се многу поголеми: „Имам три пати помалку мртви и околу двојно помалку ранети“.

Така, Пригожин за прв пат отворено зборуваше за размерите на загубите на неговата група, додека на руска страна се прави се за да не се открие бројот на загинатите и ранетите.

Руската војска последен пат објави податоци во септември 2022 година, кога објави 5.900 мртви во своите редови.

Во доверливите американски документи кои неодамна станаа јавни, се наведува дека руските загуби на 1 март биле меѓу 35.500 и 43.500 луѓе, а украинските загуби меѓу 16.000 и 17.500, но оваа проценка е невозможно да се потврди.

Минатата година, Пригожин, и самиот затвореник за време на советската ера, регрутираше луѓе во затворите, ветувајќи им на затворениците укинување на казната доколку ја преживеат војната.

Киев тврди дека за време на битката за Бахмут, Вагнерците извршиле речиси самоубиствени напади на украинската одбранбена линија, при што загинале голем број.

Евгениј Пригожин го обвинува руското воено раководство дека не му го снабдувало потребното оружје и муниција за да се спречат такви тешки загуби.

Минатиот викенд групата Вагнер и руската армија тврдеа дека целосно го зазеле Бахмут, што Киев го негира. Пригожин рече дека неговите сили ќе се повлечат од градот до 1 јуни и ќе ги препуштат позициите на редовната армија.

Слични содржини