Денес започнуваме со асфалтирање на бул. Киро Глигоров на потегот од мостот Близнак до крстосница со ул. Перо Наков, соопшти градоначалникот Шилегов на денешната прес-конференција.
Откако Град Скопје заврши со поставувањето на атмосферска и фекална канализација, денес веќе се финишира и со коловозот во должина на трасата од 682 метри. За оваа реконструкција од Буџетот на Град Скопје се одвоени 110,4 милиони денари со вклучен ДДВ, а рокот на изведба е 9 месеци.
„Тој рок започна да тече во јули, а требаше да заврши идната пролет. Како што гледате, ние планираме да завршиме многу побрзо од тоа. Сакам да им се заблагодарам на моите сограѓани за покажаното трпение и разбирање за неопходноста од реконструкциите кои се интензивираат во овој период од годината, ама треба да знаат дека оваа улица е исклучително фреквентна од причина што ја поврзува скопската општина Гази Баба со Аеродром и Кисела Вода“, кажа градоначалникот Шилегов.
Пред 3 години по должината на целиот булевар беше изградена и велосипедска патека, која заедно со велосипедската патека на бул. Србија, како и оние на бул. Јане Сандански, АСНОМ и Александар Македонски, претставува важен велосипедски коридор кој ги поврзува Гази Баба, Аеродром и Кисела Вода.