Со задоцнување од околу половина час почна втората седница на Собранието на Република Македонија.
Претседателот на законодавниот дом, Талат Џафери, седницата ја започна со обраќање прво на албански јазик, а потоа и на македонски, образложувајќи дека до донесувањето на законот за употреба на јазиците седниците ќе ги води на македонски јазик.
На тоа реагираше пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, со забелешка дека, според законската легислатива, седниците треба да се водат на македонски јазик, се додека, како што рече, не се донесат законските измени договорени со СДСМ.
На почетокот на втората седница Собранието ја констатираше оставката на пратеникот Никола Тодоров, кој во досегашната влада ја извршуваше функцијата министер за здравство и вицепремиер.