Со воведни зборови на обвинителеството и одбраната и сведочење на првите сведоци денеска почна судењето за убиството на струмичанецот Ристо Иљашев, чие тело беше пронајдено во водите на браната „Турија“. Обвинителството за убиството го товари Марјанчо Велев од струмичкото село Добрејци.
Според обвинението тој се товари за убиство извршено на 7 мај годинава при што од зад грб пукал со огнено оружје од непосредна близина во главата на Иљашев и потоа неговото тело го фрлил во браната „Турија“, затворено во метално буре.
Обвинететиот Велев пред судот се изјасни дека не се чувствува виновен за делото за кое е обвинет. И неговата одбрана смета дека тој не е виновен, бидејќи доказите кои ги добиле од обвинителството се спротивни и контрадикторни.
„Обвинителството се обидува да докаже убиство за кое нема оружје, нема парафински ракавици, ги нема основните елементи и дури не може да се докаже ниту умислата, ниту мотивот“, изјави адвокатот Звонко Давидовиќ.
Пред судот сведочеа најблиските на убиениот Иљашев кои рекоа дека со обвинитиот Велев се знаат подолго време и дека тој им го опремувал домот со мебел. Еден од браќата на Илашев, Ѓуро, сведочеше дека до ден денешен не може да поверува дека Марјанчо го извршил делото за кое му се суди, бидејќи „ги сметале како фамилија, свои и уште не можам да поверувам дека тоа се случи“, рече братот на убиениот.
Ристо Иљашев (58) исчезна на 7 мај годинава, а неговото тело беше пронајдено од неговите најблиски на 20 јуни во водите на браната „Турија“ затворено во метално буре.
Судењето продолжува задутре.
Инаку, полицијата го сомничи Велев дека е сторител и на уште едно убиство врз А.М. (62),извршено лани на 9 октомври, а телото на убиениот затворено во камионски резервоар за гориво беше извадено од браната „Турија“ на 5 август годинава. За овој случај ОЈО Струмица се уште нема подигнато обвиние поради немање доволно докази.