Компанијата „Мета“ – мајка на „Фејсбук“ тргнува да се пресметува со креаторите што крадат содржини од други корисници, а тоа е дел од поголемите напори за „средување“ на „Ѕидот“ на социјалната мрежа Фејсбук. Во соопштението, „Мета“ прецизно ги опишува мерките што ќе ги презема за да ги казнува „крадците“.
Профилите што „повеќе пати и непрописно“ ќе користат текстуални објави, фотографии или видеа од други профили ќе бидат демонетизирани „на определен временски период“. Фејсбук исто така ќе ги ограничи сите нивни објави – не само оние со навредлива содржина. Од компанијата напоменуваат дека целта на воведените измени е борбата против „повторно објавување содржини на други креатори без дозвола или значителни подобрувања“.
Во „Мета“и претходно се преземани слични чекори – за да се наградат оригинални содржини на Инстаграм, па активно ги менуваше репостираните „рилси“ со оригиналните клипови. Сега компанијата сака да направи нешто слично и на Фејсбук, со додавање на линкот до оригиналното видео откако ќе го открие дупликатот.
Најновите мерки доаѓаат во време кога „Мета“ тврди дека сака да го намали количеството на спамерски и други несакани постови на Фејсбук. Претходно годинава компанијата соопшти дека ќе ги демонетизира креаторите што споделуваат постови со спамерски натписи, како и дека „ќе се пресмета“ со креатори што манипулираат со ангажманот на платформата.
Во својот прв извештај во оваа година, „Мета“ наведува дека казнила повеќе од 500.000 креатори поради наведените тактики, а избришала повеќе од 10 милиони профили коишто лажно се претставвуале како „големи производители на содржини“.